Свеченото отворање на малата сала во Македонската филхармонија ќе се одржи на 4 ноември, со почеток во 20 часот, со концерт на реномираниот гудачки хрватски ансамбл „Загрепски солисти“ кои ќе настапат со разновидна програма, со дела од Моцарт, Чајковски и од македонскиот композитор Драган Шуплевски.

Солисти на концертот се Сретен Крстиќ на виолина, кој наедно е и концертмајстор и Хрвоје Филипс на виола. Покрај солистите, во составот на „Загрепски солисти“ членуваат и: Крунослав Мариќ, Џана Кахриман, Мислав Павлин, Иван Новинц, Давор Филипс – виолини; Марко Отмачиќ, Магда Скарамуца – виоли; Смиљан Мрчела, Златко Руцнер – виолончела и Марио Ивеља – контрабас.

Ансамблот „Загрепски солисти“ е формиран во 1953 година во рамките на Радио Загреб, под уметничко водство на истакнатиот виолончелист Антонио Јанигра. Во текот на повеќе од шест децении, под уметничката палка на еднакво истакнатите концерт-мајстори како Драгутин Хрдјок, Тонка Ниниќ, Анџелка Крпан и Боривоје Мартиниќ-Јерчиќ, Загрепски солисти го одржуваат квалитетот на музицирање на завидно ниво, кое редовно го презентираат и на престижни светски концертни сцени.

Од 2012 година, ансамблот настапува заедно со врвниот виолинист Сретен Крстиќ како концертмајстор, кој наедно е и концертмајстор на Минхенската филхармонија. До сега Загрепските солисти одржале околу 4000 концерти на сите континенти, во најголемите светски центри и во најславните концертни сали како Музиквереин (Виена), Концертгебау (Амстердам), Ројал Фестивал Хол (Лондон), Берлин Филхармоник Хол, Чајковски Хол (Москва), Санта Чечилија (Рим), Карнеги Хол (Њујорк), Опера Хаус (Сиднеј), Викторија Хол (Женева), Театро Реал (Мадрид), Театро Колон (Буенос Аирес)… Редовни гости се на најпознатите музички фестивали како оние во Салзбург, Прага, Единбург, Берлин, Берген, Барселона, Истанбул, Дубровник…, а со нив музицираат реномирани солисти. Репертоарот на Загрепски солисти е широк, тие ги вклучуваат барокните, класичните, романтичните, како и делата од современата музика, со посебно внимание насочено кон актуелизирање на раните, но и претставување на младите генерации хрватски композитори. Досега снимиле повеќе од 70 носачи на звук за врвни компании. Она што сите членови ги обединува е врвната умешност, дисциплинираност во вештината со која што се занимаваат и непресушниот ентузијазам, како и љубовта кон музиката.