Спротивставените анкети прогнозираат различни победници: Кој ќе слави во недела?

ВМРО-ДПМНЕ се уште ужива најголем рејтинг кај граѓаните. Тоа го потврди Институтот Димитрија Чупоски кој направи анкета на јавното мислење на репрезентативен примерок од од 850- 1200 испитаници, од 04 до 06 октомври оваа година.

Анкетата се спроведе на ниво на цела држава и поедничено во неколку општини кои беа предмет на нашата анализа. Во предвид беа земени демографските карактеристики, вклучително пол и возраст, припадност кон етничка заедница, а исто така беше направена поделба и според руралните и урбани места на живеење. Во приказот достапен за јавност направена е споредба меѓу кандидатите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, освен на прашањето за вкупните рејтинзи на политичките партии на ниво на држава каде се вклучени сите политички субјекти, информираат од институтот.

Од кандидатите за градоначалници на Скопје, највисок рејтинг има актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски. Дека за него ќе гласаат се изјасниле 36,2%, а за неговиот противкандидат од СДСМ, Петре Шилегов ќе гласаат 26,1% од граѓаните.

Истовремено политичкиот барометар Брима направи истражување кое покажува сосема спротивставени резултати. Според нивните анкети на локалните избори 25,2 отсто од граѓаните на национално ниво би го дале својот глас за СДСМ, 20,6 отсто би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 6,1 за ДУИ, 5,1 за Алијансата за Албанците, четири за Беса и два отсто за ДПА, покажуваат резултатите од Политичкиот барометар на БРИМА.