Според правилникот за производство: Во два литра сладолед има 1,2 литар воздух

Надворешните температури можеби не се доволно високи за да посегнете по омиленото слатко летно задоволство - сладоледот. Но тоа не значи дека не треба да знаете како се произведува. Освен млеко и мраз, засладувач или арома, но и цели парчиња овошје, сладоледот задолжително во својот состав има од 30 до 120 отсто воздух.

Веројатно звучи како научна фантастика, но според правилникот за производство на ова ледено задоволство, тоа е реалноста. Па така, за топка сладолед се плаќа и воздух. И тоа во зависност од пакувањето. Ако купувате во корнет и на точење, тогаш сте еден од среќлиите, бидејќи сте купиле 70 отсто сладолед и 30 отсто воздух.

Но ако сакате да го имате дома и сте го купиле во кутија или друго оригинално пакување, знајте дека колку имате сладолед, двојно повеќе сте платиле за воздух. Правилникот дозволува зголемување на смесата до 120 проценти.

Според правилникот за млеко и млечни производи донесен пред неколку години, сладолед може да се нарече секој производ што се подготвува од смеса за сладолед, која потоа подлежи на вдувување воздух и замрзнување.

- Волуменот на сладоледот и сладоледните десерти што се пуштаат во промет со точење во корнети или слично може да се зголемува до 30 проценти. Додека, пак, волуменот на сладоледот и сладоледните десерти што се пуштаат во промет во оригинално пакување може да се зголемува до 120 проценти. Зголемувањето на количината е со примена на вдувување на воздух како технолошка постапка - стои во правилникот.

Со цел збогатување на производот, при производство на сладолед може да се користат додатоци и адитиви согласно прописите за адитиви.

Kога купуваме млечен сладолед, се надеваме дека е полн со млеко. Но наместо тоа, во него има смеса за сладолед со најмалку 2,5 отсто млечна маст и најмалку 2,5 проценти млечни протеини. Остатокот или 26 проценти е сува материја. Kаква, не е декларирано. Во правилникот единствено е нагласено дека ледениот десерт треба да има изедначена боја, пријатен мирис и освежувачки вкус. Исто така треба да има нежна конзистенција, без грутки и кристали од мраз.

При производството протеините и емулгираните масти од млечно потекло се делумно или потполно заменети со протеини и масти од друго потекло. Оваа смеса потоа се подложува на вдувување воздух и на замрзнување.

Водениот сладоледен десерт, пак, е посебна приказна. Овде е битно само да има изедначена боја, пријатен мирис и својствен освежувачки вкус. Овде има само вода и воздух. Не треба да содржи масти и протеини освен оние што се природно присутни во додатоците и адитивите и дозволено е да има најмалку 10 отсто вкупна сува материја или една третина од таа што мора да ја има во млечниот сладолед.