Спектаклот во Скопје по популарни цени: Kолку ќе чинат билетите за УЕФА Суперкупот?

Од средината на јуни ќе започне продажбата на билетите за најголемиот спектакл во Скопје „УЕФА Суперкупот“, кој ќе се одигра на 8 август на Арената „Филип Втори“. Она што е најважно е дека цената на билетите ќе биде достапна за македонската јавност, таа ќе се движи од 15 евра до 38 евра.

Картите за овој фудбалски спектакл ќе може да се купат он-лајн преку официјалниот сајт на УЕФА. Според правилата 10% од капацитетот на Арената „Филип Втори“ (33.400 седишта) ќе биде намален поради безбедноста на ВИП ложите и местата предвидени за новинарите. За македонската јавност поточно сите оние кои што ќе сакаат да го проследат дуелот меѓу победниците од Лигата на шампиони и Лигата на Европа ќе бидат на располагање околу 20.000 билети.

Инаку во моментов со полн ек се работи на реновирање на нашиот најголем стадион. Досега се поминати повеќе од 80 различни инспекции на Европската куќа на фудбалот.

Беше најавено дека нема да има целосно менување на теренот, туку само на оштетените делови. Освен работа на игралиштето, со полн интензитет се работи и во подтрибинскиот дел. Според најавите, сите работи треба да бидат завршени за најдоцна еден месец.