Освен водата како неопходен пијалак, се пиеле и алкохолни и безалкохолни пијалаци. Најсакани пијалаци на скопјани биле сода-вода, лимонада, газоза, клакер, боза, салеп, кафе, чај, пиво, вино и ракија.

Сода и лимонада  се произведувале во претпријатието “Вардар” на Д. Поповиќ и Ј. Младеновиќ, во лимонадџилниците на Методи Х. Зафировиќ на Кејот на Војводата Путник и на Петар Зафировиќ како и во лимонадџилницата на Ѓурковиќ во Маџир маало.

Виното се добивало со алкохолно вриење на грозјето од домашни винови лози. На скопската софра секогаш било присутно бело, црно или розе-црвено, ружица или рујно вино. 

Вино се пиело и како превентивно средство против болести. Се сметало дека виното ја подобрува работата на органите за варење. Пиењето вино за време на ручек и вечера претставувало секојдневна пракса. 

Скопските фамилии, според традицијата, секоја есен сами приготвувале вино и ракија за зимскиот период, кога најмногу се конзумирало вино.

Во Скопје постоеле неколку винарско-ракиџиски работилници за производство на алкохолни пијалаци. 

Од алкохолните пијалаци најмногу се користела ракија. Природната ракија се добивала со дестилација на превриени овошни плодови и сокови. За таа цел се користеле сливи, круши, праски, вишни, цреши, јаболки, смокви и др.

Ракијата секогаш го носела името на она овошје од кое  била направена -сливовица, кајсиова, праскова (спаѓа во деликатесните ракии), вишновка, јаболкова, крушкова и мешана (со мешање на разно овошје), комовица (од комиња на грозје) и сл.

Специјалните природни ракии се добивале од природна ракија, ароматизирана со додатоци од растително потекло, како што се разни плодови, ароматични и лековити растенија или етерски масла, екстракти врз  база на природни дестилати и сл. 

Меѓу специјалните ракии познати се анасонката, мастиката и др. Од специјалните ракии од странство се увезувале рум, виски, џин, вотка, текила итн.

Ракијата се пиела со верување дека таа дава “кувет” и ја прочистува крвта на човекот. Пиењето обично било со мезење. 

Најсакан пијалак било пивото, слаб алкохолен пијалок со 2,5 - 4% на алкохол. Основни суровини за негово производство се јачменот, хмелот и водата.

Најголем производител на пиво во градот била Парната пивара. Пиварата   Бирарија била изградена околу 70-тите год. на 19 век во маалото Бирарија.

Слични напитоци на пивото кои за одредени народи претставувале традиција,  а кои многу се пиеле во Скопје, биле бозата и салепот. Бозата и салепот како турски национални пијалаци, станале омилени и кај македонското население.

Бозата се добивала со алкохолно вриење на просеано пченкарно брашно со додаток на брезов сок. Бозата во својот состав содржи 1-2% алкохол и 10 % екстракти. 

Бозата  и салепот ги пиеле побогатите граѓани, додека посиромашните ретко ги пиеле овие ориентални пијалаци. 

Под поимот боза се подразбира освежителен пијалак од пченкарно брашно,  односно поткиселен пијалак приготвен од превриено брашно од просо или од пченка.   За боза се смета и густ, кисел пијалак од жито, пченка, ориз и вода. 

Посебен вид на алкохолен пијалак било домашното пиво “аловина”. Тоа се приготвувало со киснење и набубрување на јачмен или овес, потоа се сушело и се мелело за да се добие брашно. Од добиеното брашно се замесувало тесто со студена вода и се ставало на дното на некој сад. Врз него се поставувал вжарен камен и веднаш потоа садот се полнел со врела вода, по што доаѓало до вриење, односно  ферментација. Така се добивал жолтеникав пијалак со вкус на денешното пиво. 

Зборот салеп има значење на  растение, ботанички Orchis,  вид растение со грутчиња на коренот, потоа пијалок од растението салеп , салеп како исушени компири (грутчиња) на растението Orchis, од кои се прави напиток, а се употребува  како лек. 

Во периодот меѓу двете светски војни постоеле улични продавачи на боза и салеп.

Скопје не бил голем потрошувач на пијалаци. Алкохолните и безалкохолните пијалаци најмногу се консумирале за време на верски празници, на домашни слави, свадби, веридби, крштевки, родендени, но  и  секојдневно.