Денес, често не мораме физички да бидеме присутни на многу места. Не мораме ни често да се гледаме со пријателите. Го следиме нивниот живот на социјалните мрежи, веруваме дека го знаеме тоа што е потребно да го знаеме за нив, од нивните објави.

Постојано стекнуваме нови пријатели со кои делиме слични ставови и одушевено коментираме и ги лајкуваме нивните постови. Често, минуваме цели вечери расправајќи се на различни теми со луѓе кои имаат различен став од нашиот. Се обидуваме да бидеме гласни кога треба да се помогне некому, да поттикнеме на акција. Така, следиме и што се случува во областите кои ни се важни. И сето тоа го правиме додека седиме во нашите удобни софи и фотелји.

Кога ќе видиме интересна објава од наш пријател, праќаме и директна порака прашувајќи ги за тоа. Другарите од средно ги прашуваме „што има ново, а не знаеме ни што е старо“. Кога некој не одговара на нашите пораки сме повредени. Seen како да стана една од најголемите трагедии на нашето време.

Но, не сфаќаме ли колку тие наши односи се површни и нереални?

Колку сме блиску до сопствениот живот и сопствената реалност, до луѓето во него. Дали е исто ако испратиме порака на Фејсбук или ако се слушнеме, па дури и видиме во живо со таа личност? Секако дека не е исто, но ние се преправаме дека е исто. Така ни одговара. Го заменивме физичкиот контакт со виртуелната реалност.

Кога ќе излеземе со друштвото, колку долго и да не сме се виделе, сепак сите се со телефоните во рака. Не се присутни во моментот. Веројатно веќе и договараат нешто друго. Не ги гледаме подолго време. Не уморува таквиот начин на функционирање, но во меѓувреме дел од нив минуваат низ тежок период, одат во болница, раскинуваат, се соочуват со смрт на блиска личност. Сакаме да им помогнеме, па на социјалните мрежи ги прашуваме како се. Се обидуваме да им помогнеме да се соочат со тагата и болката, само виртуелно.

Други пак се среќни и ги стискаме палците, ги охрабруваме, или ги советуваме да размислуваат позитивно, исто така на интернет. Онлајн, во секој дел од денот. И, не е дека не сме искрени во тоа. Само го нема физичкиот контакт.

Сите работи се случуваат на друштвените мрежи. Таму е нашиот живот овие денови, месеци и години. Таму ни се сите нешта. Ги користиме сите капацитети за клик, скрол. На крајот на денот, не боли главата од светлината на екраните, но продолжуваме. Се навикнуваме на тоа.

Но, дали е тоа реалноста која сакаме да ја живееме? Дали е тоа нашиот живот?