Со признавање на кантарските белешки камионите кон Србија и обратно ќе се мерат само еднаш

Директорот на Царина, Стефан Богоев во гостувањето во емисијата Македонија наутро на МРТ1 кажа дека со потпишаниот Меморандум со република Србија за признавање на белешките од мерење на царинските терминали( кантарските белешки) камионите кон Србија и обратно ќе се мерат само еднаш.

- “Потврдата од српска царина за мерењето ќе важи и кај нас, а нашата ќе важи и на нивна страна. На пример, доколку македонска компанија извезува во земји од Европска Унија, камионот се мери на излез од Македонија, на граничен премин Табановце, потоа на влез во Србија не се мери. Камионот транзитира низ Србија, стигнува на српско-хрватска или српско-унгарска граница, повторно на излез од Србија не се мери, туку се мери при влез во Хрватска или Унгарија, во зависност од земјата кон која патува“, кажа Богоев

За работата на Царина во 2023 година, Богоев кажа дека има 30% раст на бројот на заплени и 60% раст на бројот на поднесени кривични пријави во споредба со 2022 година. Ваквиот начин на откривање и заплените според него се рефлектираат врз приходите во Царинската управа, што значи повеќе пари во државниот буџет за модерна инфраструктура, нови градинки и училишта, повеќе пари за повисоки плати и пензии.