Со одлука на МОН учебната година на средношколците ќе биде до 10-ти, а на основците до 17-ти јуни

Со новата одлука која ја донесе Министерството за образование и наука учебната година за средношколците ќе заврши на 10 јуни додека за основците се продолжува до 17 јуни. И едните и другите ќе имаат пролетен распуст кој ќе трае од 29 април до 6 мај 2024 година.

МОН ќе треба со дополнителна одлука да одлучи како ќе се надоместат двата неработни денови за учениците поради одржување на изборите во среда, 24 април, и во среда, 8 мај, и дали тоа ќе влијае на рокот за завршување на учебната година. Ресорниот министер денеска рече дека кога ќе има одлука на Владата, јавноста ќе биде известена. 

- “Во Законот за основно образование се одредени точен број работни денови во основното образование. Во Законот за средно образование не е одредена таа законска обврска за точен број работни денови. Сите одлуки се донесуваат во консултација со тие што се засегнати. Сојузот на средношколци побара освен пролетниот распуст заради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни,  тоа го дозволуваше законот и ние тука постапивме“, рече Шаќири.

Посочи дека ќе се разгледа во Влада и прашањето за неработните денови заради изборите.

-Ќе треба да се разгледа како може да се постапи за тие два дена кои се предвидени во календарот на вкупен број денови годишно за реализација на наставата. Ќе известиме навремено кога ќе има владина одлука за тоа, рече Шаќири.