Со два концерти за претпоследниот ден на 37. фестивалско издание вечерва завршува музичката програма на годинешното „Охридско лето“.

Двата концерти ќе се одржат на сцената на катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 20:30, односно 22 часот.

Првиот термин од концертот е резервиран настапот на нашите уметници Блерим Груби и Марија Вршкова кои на вљубениците во класичната музика ќе и понудат вечер на роматнична музика за виола.

На програмата се дела на Шуман и Шуберт, избрани за виола и пијано.

Блерим Груби е дипломец на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде и магистрира во класата на проф. Љ. Господинов. Се усовршува на мајсторски курсеви кај познатиот виртуоз на виола Јуриј Башмет на Академијата „Чигана“ во Сиена. По завршувањето на студиите започнува да работи во Македонската филхармонија. Паралелно, тој континуирано ја развива и солистичката дејност, како рецитален и камерен уметник, земајќи учество во реномирани состави и настапувајќи на фестивали во земјите на поранешна Југославија, Италија, Германија, Австрија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Јапонија и САД.

Блерим Груби бил водач на група виоли на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, работел со ансамблите „Купрен“, „Вивенди“  и гудачкото трио „Косова“, студиото „Бахус“, а како солист настапува со Македонската филхармонија, оркестарот Скопски солисти, Камерниот оркестар на М.Ф., Камерниот оркестар на РТС, Симфонискиот оркестар на Радио телевизија Тирана, Оркестарот на операта и балетот од Тирана, Камерниот оркестар „Приштина“, Косовската филхармонија… Актуелно е професор  на Државниот универзитет во Тетово и на Приштинскиот универзитет.

Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена cum laude, во класата на проф. Т. Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието е добитник  на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзината најзначајна меѓународна награда е Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим – Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници, Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков,  во 2010 година, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Во моментот Марија Вршкова работи како доцент при ФМУ- Скопје.

Во вториот дел од концертот ќе настапат Искандар и Норман Виџаја, уметниците на виолина и пијано, додека за ритам секцијатае задолжен Ајкут Коселери.

Искандар Виџаја е роден во Берлин, започнува да учи виолина на четиригодишна возраст, а дипломира виолина на Универзитетот во Берлин во 2010 година. Соработува со некои од најпознатите диригенти и музичари на денешницата како Зубин Мехта, Кристоф Ешенбах, Роландо Вилазон, Фазил Сај и др., настапувајќи со престижни оркестри меѓу кои: оркестрите во Берлин, Минхенската филхармонија, оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Варшавската филхармонија, Радио –симфонискиот оркестар во Виена, како и оркестрите во Франкфурт, Валенсија, Осло, Базел, Хонг Конг, Џакарта и др. Настапите го водат на пет континенти во концертните сали меѓу кои:  „Концертхаус“  во Берлин, „Тонхале“ во Цирих, Филхармонијата во Луксембург, операта во Тел Авив и многу други. Во 2013 година Исканадар настапува на отворањето на Самитот АПЕК, а е претставник на Индонезија на Светскиот настан ЕКСПО во Милано во 2015 година.

Искандар Виџаја свири на виолина изработена од Жан-Баптист Вијом во 1875 година, а поседува и инструмент Страдивари од 1734 година, кој му е даден на користење од страна на реставраторот на виолини Флоријан Леонард.

Норман Виџаја е роден во музичко семејство, а неговиот талент дошол до израз кога на само 11 годишна возраст диригирал хорски концерт во чест на претседателот Сукарно во Џакарта (Индонезија). Студирал пијано, диригирање и композиција на Колеџот за музика во Берлин, а првиот ангажман го носи во Нирнберг каде во периодот од 1982 до 1990 година  диригира преку 400 различни изведби. Диригентските ангажмани го носат во Шангај каде е гостин-диригент и шеф-диригент од 1990 до 1995 година, а во истиот период е диригент на јапонската опера „Метрополитен“ и го предводи Рускиот филхармониски оркестар на голема азиска турнеја.    Во Европа, диригентската кариера го води во Берлин, Дрезден, Хановер, Визбаден, Олденбург, Бремен, Нирнберг, Москва и Верона, додека пак во Азија е активен со оркестрите во Пекинг, Шангај, Јокохама, Токио, Тајпеј и Хонг Конг.  Од 2002 година е шеф-диригент на филхармонискиот оркестар „Сето“ и редовно настапува како пијанист во Азија и Европа. Од 2009 година Норман Виџаја е постојан гостин-диригент на Симфонискиот оркестар во Дубровник.

Ајкут Коселери е роден во 1985 година во Анкара каде дипломира на Универзитетот „Билкент“ во 2003 година, во класата на Ајдин Мечид. За време на студиите настапува со Младинскиот оркестар „Билкент“, а потоа и со Симфонискиот оркестар. Во 2004 година станува член на Анатолискиот младински оркестар, основан од страна на пијанистот и композитор Фазил Сај. Често настапува со повеќе европски оркестри во Германија, Франција, Швајцарија, Јапонија и Турција. Oд 2013 година е постојано вработен како перкусионист во Државната опера и балет во Самсун, а постојано е ангажиран во премиерните изведби на делата на Фазил Сај.

На програмата се авторски дела на Виџаја, како и на композиторите Ли Зили, Куи, Сај, Масне.