„СкопјЕмоушн“: Градскиот живот под еден чадор, изложба на фотографии во библиотеката „Браќа Миладиновци“

„СкопјЕмоушн“ е изложба на фотографии на Анита Палческа, закажана за 1 ноември, во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

– Скопје е дете во душата, движење во ритам, фокусиран, а исполнет поглед, живот под еден чадор, соѕвездие од светови, самување без осаменост, мост меѓу сите наши јас, чашка чаршиски муабет, ишарет од скриено ќоше и паралелна димензија во длабочината на еден излог. Скопје едноставно Е, пишува во најавата на изложбата.

Анита Палческа е родена во Скопје, се школува, работи и живее во својот роден град. Сериозно се занимава со фотографија од 2008 година. Фокусирана е на изразување преку документарната фотографија, но работи и во другите жанрови. Уличната фотографија ја разбира како составен дел од своето секојдневие, забележувајќи ги настаните, луѓето и случувањата околу себе. Учесничка е на повеќе меѓународни и домашни групни изложби, на кои е добитничка на повеќе признанија и награди.

„СкопјЕмоушн“ e нејзина прва самостојна изложба, составена од 10 серии од фотографии направени во периодот 2011-2023 година, групирани со невидливи нишки од поврзани сеќавања, емоции и состојби низ кои поминуваме заедно со нашиот град.
Изложбата ќе биде поставена во холот на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од 1 до 30 ноември, во рамките на одбележувањето на 78-годишнината на библиотеката и празникот 13 Ноември.

Настанот е дел од програмата на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.