Скопје - Рим на Балканот

Во репортажата на „Дејли сабах“, Македонија е наречена татковината на Александар Македонски и Мајка Тереза.

Додека Скопје, главниот град на Македонија, блеска со париска романса ноќе и ве фасцинира, преку ден се претвора во Рим со своите скулптури и структури, кои личат на музеј на отворено. Се разбира, овие скулптури и структури не потекнуваат од толку длабоковкоренетата историја како онаа на Рим.

Сепак, Скопје сака да претстави дека има длабоковкоренета историја. Тој е град со вкус на музеј на отворено и наследство за иднината, особено со статуите и гигантските градби подигнати на градскиот плоштад, околу Камениот мост и во многу други делови. Скопје, кое се обидува да биде прифатено во регионот, е место каде што можете да поминете многу време, дење и ноќе, иако тоа може да изгледа мало.
Скопје, кое ме прави да се чувствувам како дома и во мир секогаш кога ќе дојдам овде, има поинаков дух. Ниту е баш европски ниту баш османлиски град. Додека ги следите трагите од османлиското владеење на едниот брег на реката Вардар, кога ќе го поминете Камениот мост на спротивната страна ве пречекува светол модерен град.

Камениот мост

Камениот мост, кој ги поврзува двете страни на реката Вардар, е познат и како мост на османлискиот султан Мехмед Втори, бидејќи бил изграден под негово покровителство. Овој мост од османлискиот период всушност го дели градот на нов и на стар. Мостот што води кон старата чаршија на едниот крај и плоштадот „Македонија“ на другиот крај е една од симболичните градби на Скопје.
Многу е пријатно да се гледа градот од оваа симболична структура. Поминав доста долго време на мостот. Одев по него, па дојдов до средината и ги потпрев рацете на камените ѕидови и долго гледав како тече реката Вардар. Сонував за животите во овој град со длабоковкоренета историја. Гледајќи ги двата спротивни брега на реката Вардар, не можев да не се запрашам дали Камениот мост ги поврзува или ги раздвојува овие два брега. Овој мост, кој мириса на меланхолија, стана место што често го посетував за време на мојот престој во Скопје.

Старата чаршијa

Кога ќе го поминете источниот дел на Камениот мост и ќе продолжите по патот, ќе стигнете до старата чаршија или турската чаршија. Во овој дел од градот, кој можеме да го наречеме стар град, можете да ги видите трагите на Османлиската Империја. На тесни улички со тротоари од калдрма може да наидете на гостилници, амами, џамии и гробници од османлиската ера. Повторно основана од Турците во подоцнежниот период, чаршијата била најважниот трговски центар на градот од неговото формирање во 12 век. По посетата на продавниците за сувенири и историските места во чаршијата, дефинитивно треба да го посетите покриениот пазар, кој се наоѓа на излезот од неа. На пазарот каде што се продаваат локални свежи производи од скопските села дефинитивно ќе најдете нешто да си понесете дома. Слушнав дека особено во одредени денови на овој пазар доаѓа многу вкусен грав од Тетово. Всушност, локалното јадење од гравче се служи во повеќето ресторани во Скопје. И да не го купите од пазар, гравот задолжително треба да го пробате во ресторан.

Плоштадот „Македонија“

Кога ќе слезете од западниот дел на Камениот мост и ќе продолжите да пешачите, ве пречекува плоштадот „Македонија“. За разлика од другата страна на мостот, овде ќе видите помодерна градска атмосфера. Плоштадот, кој е осветлен ноќе, е полн со модерни згради и скулптури направени по 2010 година. Највпечатлива од нив е статуата на Александар Македонски на средината на плоштадот. Од другата страна на реката се наоѓа статуата на македонскиот крал Филип Втори, таткото на Александар Македонски. Овој меѓусебен став на двете статуи е речиси како татко и син да се поздравуваат. Освен скулптурите, на плоштадот има и места за пазарење, ресторани за јадење и убави кафулиња за пиење. 

Целиот текст на Нова Македонија