Скопје ќе го допре небото - се најавуваат облакодери кај Холидеј Ин

По неколку години мирување, идејата за изградба на облакодери на паркинг просторот спроти хотелот „Холидеј Ин“ повторно се актуелизира.

Турскиот инвеститор „Окан Јатарм“ сака да гради седум висококатници на оваа атрактивна локација во строгиот центар на Скопје. За реализација на овој крупен проект, неопходни се измени во Деталниот урбанистички план „Голем ринг – Исток“.

Самото градежно земјиште се наоѓа во мешовита сопственост, дел од парцелите се во државна сопственост, додека преостанатите локации ги поседуваат приватни лица. Од друга страна, идејата на турскиот инвеститор не завршува тука, па така тој би сакал да добие во своја сопственост и дел од земјиштето во Ново маало.

Општина Центар се изјасни дека нема детални податоци за намерите на компанијата од Турција, ниту пак за барањето измените во урбанистичките планови да се постават на следната седница на Советот на општина Центар. Дел од приватните сопственици на земјиштето бараат повеќе информации за целокупната постапка која се одвива далеку од очите на јавноста.

 Во рамките на урбанистичкиот план „Голем ринг – Исток“ стои атрактивно градежно земјиште со спектакуларни 600.000 метри квадратни на вкупна изградена површина, поделена на три парцели на кои е зацртано да се градат 60-катни објекти за колективно домување, како и објекти за комерцијални и деловни дејности. Паркирањето би било решено со вкупно 6.330 паркинг места.