Додека баланските метрополи живеат во предновогодишниот амбиент во Скопје сеуште ниту од далеку не се насетува новогодишна атмосфера. Белград, Софија, Приштина и Тирана блеснаа во новогодишните бои пред повеќе од десет дена, на скоро пола месец до нова година нашиот главен град каска зад балканските метрополи.

Иако изминатите години со украсувањето Град Скопје почнуваше уште кон крајот на ноември за градот да светне до средината на декември, годинава дури на 15 декември ќе почне украсувањето. Од градот Скопје се правдаат дека сеуште е во тек тендерска процедура и рокови кои треба да се испочитуваат.

Граѓаните изминатите денови на социјалните мрежи зачудено коментираат и забележуваат дека градот никогаш не доцнел толку многу со новогодишната декорација.

Фирмата Линк Медиа Плус од Скопје оваа година го доби тендерот за новогодишно украсување на градот кој што е вреден 10.169.491,00 денари или нешто повеќе од 150 илјади евра.

Според тендерската документација, договорот ќе се реализира во две фази. Првата фаза предвидува украсување и светлосно декорирање на централното градско подрачје и на Плоштадот „Македонија“  во духот на модерното време и живеење, со високи естетски, уметнички и ликовни ефекти, запазувајќи при тоа унифициран концепт на целиот простор и истата треба да се заврши до 15-ти овој месец. Втората фаза опфаќа отстранување на украсната и светлосната декорација треба да се реализира од 15.01.2018 до 25.01.2018 година.

Освен декорација и украсување на градот компанијата има обврска и да изработи план за тоа какви украси ќе треба да се употребат и за локацијата на која ќе бидат поставени тие.