Скопје има што да покаже- странците кога еднаш ќе дојдат повторно сакаат да се вратат

Од година во година нашиот главен град се повеќе има што да им понуди на туристите за да се одлучат да го стават на својата карта на туристички дестинации.

Скопската метропола станува викенд-сврталиште на странците, а голем број од нив решаваат да се вратат и викендот да го заменат со подолг престој во градот, да прошетаат, да се забавуваат или да каснат евтина и вкусна храна.

Новите градби, фонтаната и споменикот Воин на коњ, Скопското кале, Старата скопска чаршија се само дел од понудите на главниот град. Се почесто можат да се видат туристички групи со водичи кои го разгледуваат главниот град, како со внимание слушаат за историјата и за новите градби. Сепак, и индивидуалните посети не се реткост, па талкачите и авантуристите со желба да запознаат нешто ново на својата мапа го ставаат и Скопје.

Туристичките водичи кои се обидуваат метрополата да ја доближат што е можно поблиску до туристите, да се вљубат во долгата историја, но и да се воодушеват од новите градби, велат дека најмногу туристи има од Турција, Словенија, Бугарија, Холандија, Англија, Германија.