Скопје и Атина ќе се поврзат со директна авиолинија

Од 2018та грчката авиокомпанија Еџиан ерлајнс воведува директен лет од грчката до македонската престолнина.  За разлика од другите нови летови, оној до Скопје си има и свои специфичности, а го инволвира и грчкото МНР, поради спорот меѓу двете земји.

Како што објасни потпретседателот на Еџиан ерлајнс, од министерството за надворешни работи, побарале инструкции за како најдобро да се  покрие конкретниот случај.

„Ќе почнеме да летаме за Скопје и секако ќе се обративме до Министерството за надворешни работи за да нѐ извести и да ни го даде најдобриот начин во однос на користењето на различни имиња и пракси за правилно да ја покриеме оваа земја. Нашиот впечаток е дека е во интерес на Грција е да има што повеќе поврзувања со сите земји па дури и со оние земји со кои има проблематична историја што се однесува на односите затоа што економско подобрување на односите на двете земји, секогаш помага. Мислам дека и Министерството за надворешни работи се согласува со оваа тенденција и затоа на почетокот реагираше позитивно на нашето расположени да летаме и таму.

Чекаме од министерството да слушнеме на што посебно треба да внимаваме во овој случај, бидејќи односите имаат одредена посебност во врска со името на државата. “ – вели Ефтихиос Василакис, потпретседателот на Еџиан ерлајнс.

Во 90те години, постоеше директно авионско поврзување меѓу Скопје и Атина, кое подоцна беше прекинато, а бизнис заедниците од Македонија и Грција бараа одново да се воведе лет. Дополнителен проблем за грчката страна, веројатно беше и преименувањето на скопскиот аеродром во Александар Велики.