„Скопје 2014“ ќе се брише од регистарот на културно наследство

Сите незаконски запишани споменици и објекти од проектот „Скопје 2014“ во Регистарот на културно наследство на Македонија ќе бидат избришани од него.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, најави ревизија на работењето на претходната власт во сегментот на заштитата на културното наследство. Имено, Музејот на ВМРО, Триумфалната порта и Спомен куќата на Мајка Тереза се впишани во Регистарот на културно наследство на 5 и 6 август 2013 година, иако беа изградени само неколку години пред овие датуми.

Со усвојувањето на Стратегијата за развој на културата 2018-2022 и aкцискиот план, Владата отвори процес на темелни реформи,  преструктуирање и обнова на културниот систем во Република Македонија, рече министерот за култура, а најави и поддршка на граѓанскиот и на независниот културен сектор, интердисциплинарните уметности и културните и креативните индустрии.

„Изменивме четири закони, го запревме пропаѓањето на културното наследство, ги оневозможивме клиентелистичките привилегии и стопиравме да се одлеваат пари за ‘Скопје 2014’. Подготвивме буџет и спроведуваме активности со кои ги враќаме долговите за да спречиме огромни камати, ги санираме објектите на културата и овозможуваме проекти на голем број актери во културата“, рече Алаѓозовски.

Планирана е и анализа на состојбите во установите и Управата за заштита на културното наследство. Ќе се изработи стратегија за заштита и подготовка на нов Закон за заштита на културното наследство.