До крај на годинава во централното подрачје ќе биде поставена уште една вртелешка, која е планирано да се монтира на плоштадот „Филип Втори“. Деновиве и официјално ќе биде потпишан договорот за набавка. Од „Паркови и зеленило“ велат дека останува да се дефинираат уште неколку детали од договорот за набавката да се официјализира. И овој карусел, како тој на плоштадот „Македонија“ ќе се купи од „Технометал“. На тендерот понуди доставиле две фирми, но останала само на оваа фирма, бидејќи другата немала уредна документација. 

На претпријатието уште лани му беше најавено оти ќе треба да купи уште еден карусел. Од Град Скопје рекоа ќе издвојат донација од 200.000 евра за купување на вртелешката. 

Извесно е дека и на оваа вртелешка возењето ќе чини како и на таа кај „Телеком“. Билет за едно возење ќе биде 30 денари, односно 40 денари доколку со детето има и придружба. Од „Паркови“ се надеваат дека и понатаму ќе има интерес за возење на каруселот. На првиот, кој е поставен пред три години, во прво време се чекаа редици за возење. Со тек на време бројот на остварени возења се намали. Поточно, каруселот првите две години работеше со добивка, па интересот за возење постепено се изгуби. Во меѓувреме, од претпријатието признаа дека вртелешката веќе не им е интересна на децата. Секој ден се вртела се' помалку и повеќе трошела струја од стоење во место отколку за основната намена. За вртелешката на плоштад беа потрошени околу 160.000 евра.