Се сретнаа на некоја свадба. Едната трудна по втор пат, другата во провокативен фустан и сама. Едната оди во тоалет на секои пет минути поради тоа што бебето и ја притиска бешиката, а другата поради тоа што испила три пива. И двете љубезно си се насмевнаа и секоја си влезе во својата кабина.

И на двете им беше непријатно. И двете чекаа другата да излезе од тоалетот, па потоа да излезе од кабината. Не е баш пријатно да го гледаш во огледалото она што си можела да бидеш, доколку избереше некој друг пат.

Ниту едната, ниту другата не беа незадоволни од своите животи, напротив. Едноставно е, тие повеќе не беа оние девојчињата од VI-б кои си ги пополнуваа своите споменари. Девојчињата кои си плетеа плетенки и ги копираа фризурите од омилените глумици од постерите во своите соби. Тогаш немаше туторијали на ЈуТуб. Ниту за фризури, ниту за шминки, ниту за живот. Не постоеја животни тренери, само кауч на кој сонувате се додека мајка ти по трет пат не те потсети дека имаш домашно за пишување.

Тие беа најдобри другарки. Знаете како тоа оди. Од прво одделение беа во иста клупа, двете читаа различни лектири па си ги прераскажуваа. Двете си ги криеја тајните, дечковците и двете пива повеќе. Заедно се подготвуваа за матурските испити и по некој испит во прва година. Личеа на најдобрите другарки од холивудските филмови. А тогаш им се случи животот.

Малку болеше. Таа средба со личноста на која некогаш си можела да и кажеш сѐ. Затоа што одеднаш, таа личност не постоеше повеќе. Не затоа што се случило нешто драматично и конфликтно, туку баш затоа што не ни забележаа кога тоа НЕШТО се случило.

Прво, пресудно беше тоа што се запишаа на различни факултети. Повеќе не ја делеа клупата. Немаа ниту сличен распоред. До крајот на вториот семестар повеќе не ни знаеја што им се случува во животите. Но, се гледаа и се слушаа.

Кога заврши првата година од факултет, малку се збунија. Повеќе немаа што да си кажат. Така и почнаа поретко да се гледаат. Постојано истите изговори: Морам да учам. Морам да и помогнам на мајка ми. Лесно ти е тебе, уште во јуни ја исчисти годината. Со изговорите си дојдоа и префрлувањата и прекупнувањата. Па така, телефонските разговори станаа сѐ поретки. Пораките сѐ поразредени. На крајот сѐ се сведе на двонеделно договарање за кафе кое никогаш не траеше подолго од еден час, затоа што и двете беа зафатени. Кафето го пиеја без шеќер, а разговорот беше подеднакво горчлив. Зборуваа за по некој дечко и тешките испити. Наместо колач или торта, со разговорот доаѓаа и зајадливи коментари, понекогаш потсмевање, понекогаш навреди завиени во вид на шеги. И по некое време сфатија дека поминале два месеци, а тие не се виделе воопшто.

Одвреме-навреме, во име на „старите другарски денови“, ќе се сретнеа, но сфатија дека невозможно е да се спаси нивното другарство.

Годините и Фејсбук ги носеа вестите, едната дипломираше, се вери, се омажи, роди дете. Другата дипломираше, раскина и се вработи. Вестите беа далечни и неважни, а сликите на Фејсбук беа нереални. Повеќе не делеа ништо: ни радости, ни честитки, па затоа немаше поента да си ставаат лајкови. На другарството му се случи животот и тие не го спасија.

Ја отвори вратата од кабината и во огледалото ја здогледала својата другарка од клупата. Се насмевна и ѝ рече: „Се надевам дека си добро. Морам да одам, ме чекаат.“

Другата другарка само благо се насмевна. Најверојатно така оди тоа. Животот се менува и животот нѐ менува. Сеќавањата нѐ чуваат.

Животот можеби може да раздели некои луѓе, но не им ги разделува и спомените. Во нив сме безбедни.