Сибел Бајрам - жена со најголеми достигнувања во општеството за 2023 година: Се надевам дека ова ќе ги освести заспаните наши функционери да го препознаат квалитетот

Сибел Бајрам е успешна, инспиративна млада жена од Скопје. Таа е магистер по менаџмент на човечки ресурси, претседателка на Здружението на Ромки „Лачо Диве“, наставничка по англиски јазик во основното училиште „26 Јули“ во скопската населба Шуто Оризари, а од неодамна ја има и најважната животна улога - таа е мајка на малата Елиф.

Како припадничка на ромската етничка заедница секогаш е гласна против дискриминацијата кон оваа категорија на граѓани во општеството, а преку својот личен пример е вистинска инспирација за голем број жени.

Сибел е годинешна добитничка на наградата „Жена со најголеми достигнувања во општеството за 2023 година".

Најпрвин честитки за признанието „Жена со најголеми достигнувања во општеството за 2023 година". Што за Вас претставува оваа награда?

Ви благодарам што секогаш сте тука и ме следите и поддржувате во сè што се случува. Оваа награда „Жена со најголеми достигнувања во општеството“ е едно крунисување на целокупната моја работа, труд, заложба и макотрпна работа. Секогаш бев и сум воспитувана секоја работа што ја работам да биде со 100% вложен труд, љубов, енергија и заложба. Убаво е чувството кога некој во општеството ја признава вашата работа, особено како жена од помалубројна заедница, каде што жената треба да вложи многу повеќе труд, енергија, работа од сите останати за нејзината професионалност да исплива на површина и биде еднаква со останатите. Имам работено со над 60 девојки, жени и млади мајки низ целата нашата држава и им помагавме/помагаме за сите актуелности од државата, помош, мотивација, поддршка да продолжат со своето образование, работа на себе си и вработување за да имаат економски придонес во семејствата и да дадат свој придонес во истите. Оваа награда претставува уште поголем мотив да продолжам и понатаму со моите активности, заложби, активизам и борба за правата на мојата заедница, особено правата на жените, девојките и младите мајки Ромки, бидејќи сите сме граѓани на РСМ и заслужуваме еднаков третман, права, позиции, валоризација на професионалноста и соодветни работни позиции. Верувам и се надевам дека ова ќе ги освести заспаните наши функционери, лидери дека во нашата држава има квалитет, има професионалци, има посветени луѓе, само некој треба да ги препознае, даде можност и вреднува нивниот капацитет, професионалност и елан.

Со оглед дека сме на крајот на календарската година, може ли да направите пресек – на што особено сте горди и среќни, кое е вашето најголемо достигнување лично и колективно, а што ве разочара годинава која изминува?

Моето најголемо достигнување е тоа што секогаш сум иста, скромна, чесна и борбена, позициите, наградите, сталежот во општеството никогаш не ме промениле. Јас сум Сибел Бајрам. Ќерка, мајка, сестра, сопруга, снаа, внука... Магистер по менаџмент на човечки ресурси, претседателка на Здружението на жени Ромки „Лачо Диве“, наставничка по англиски јазик. Многу ми се мили сите награди, меѓутоа оваа е особено важна бидејќи мојата работа, активизам, борба се препознава веќе пошироко, не само во и од мојата заедница! Разочарана сум од нееднаквиот треман, дискриминациите и неправдите за кои сите сме сведоци и не сакам да се повторувам за истите, бидејќи на сите ни се добро познати.

Секогаш сте гласни за правата на жените Ромки. Имате и голем број активности во невладиниот сектор. До каде е нивната еманципација? Има ли напредок на ова поле? Јас и мојата ќерка, Елиф, иако има само 9 ипол месеци, ја растам со вредности да биде силна, горда, независна. Растена сум во семејство на борци, тоа ми е веќе секојдневие. Сакам секоја жена, без разлика од која етничка заедница доаѓа и верска позадина да биде достојна за почит, да се слуша нејзиниот глас во семејството, да биде сакана, почитувана од своето семејство најпрвин, а потоа и од средината, работните кругови и слично. Образованието, вложувањето во себеси, средбите со луѓе, спонтани разговори, дружба со својата заедница, искреноста, чесноста и професионалноста се оние најкруцијални карактеристики кои секоја една од нас треба да ги поседува, да работи на нив. Жената е двигател на општеството и како таква треба да си ја знае својата вредност, моќ и да се бори за тоа што го заслужува. Поддршката од семејството е неминовна и истата се добива и заслужува, секако со работа и труд и без истата ништо од ова нема да е возможно. Еманципација има, напредок има, меѓутоа има уште многу работа, макотрпен е овој процес. Немаме такво маѓично стапче со кое можеме преку ден да ги решиме проблемите на луѓето. Меѓутоа да се надеваме на подобра идна година!

Како вие се трудите да им бидете пример на жените Ромки? Пристапот до луѓето е многу важен. Луѓето секогаш препознаваат искреност, чесност и добронамерност. Кога вистински сакате да помогнете тоа се препознава во вашите намери. Секогаш сум достапна за мојата група со која работам, во секое време добиваат совет/помош/поддршка за сè што е потребно. Довербата тешко се стекнува, но уште полесно се губи. Се трудам секогаш да бидам приземна, достапна за моите девојки, мајки, жени! Луѓето сакаат да разговараат, да добијат искрен совет и помош, не сакаат празни фалби, муабети и ветувања. Вака јас работам и функционирам. Има ли и напредок во однос на намалувањето на дискриминацијата на Ромите во земјава? Или сепак, станува збор само декларативни заложби? Има некој напредок, меѓутоа уште си тапкаме, празни ветувања, муабети, исти фаци секаде, непрепознавање на труд, професионалност и квалитет. Не сум реално задоволна од прогресот на полето на дискриминацијата. Што си посакувате лично себе си, а што на цела земја во претстојната година? Посакувам здравје и сите сакани да ми се на број! Многу среќа, љубов и бериќет! Поуспешна година, помалку злоба, повеќе насмеани лица, топли срца и искрени луѓе! Само убавини секаде! Како и каде најчесто се рекреирате во Скопје? Дома со мојата Елиф и сопругот и викендите кај мајка ми!