Шилегов: Зелениот покрив на ГТЦ е исполнување на ветеното

Зелениот покрив на ГТЦ е исполнување на ветеното на Скопје и граѓаните, а со него се добива една нова, урбана и зелена површина за граѓаните, рече градоначалникот Петре Шилегов одговорајќи на советничко прашање на денешната седница на Советот на Град Скопје.

– Градот Скопје заедно со УНДП, пред повеќе од осум месеци потпиша меморандум за соработка од областа на спроведувањето на Стратегијата за климатски промени – Отпорно Скопје, поврзана со мапирање на геотермални точки. Спроведените истражувања покажаа дека покривот на ГТЦ е за 10 степени потопол од преостанатиот простор околу плоштадот „Македонија“ и оттука произлезе идејата дел од овој покрив да биде зазеленет, кажа Шилегов.

Во однос на реакциите околу идејното решение и изгледот на зелениот покрив на ГТЦ, градоначалникот потенцираше дека тоа е донација од АД „Градски трговски центар“, кој е посебен правен субјект во државна сопственост, а Град Скопје нема допирна точка во структурите на управување на ова претпријатие.

– Идејниот проект за изгледот ни беше доставен од ГТЦ, како трета страна во проектот. Град Скопје учествува во овој проект преку финансирање и обезбедување на средствата, а УНДП ја спроведе постапката. Имајќи предвид дека имаше извесни реакции во јавноста, веќе стапивме во контакт со архитектите и фелата и во рамките на законските можности и правилата определени од УНДП, преку „Скопје урбан центар“ каде што се членки Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет ќе бидат извршени определи корекции на проектот, додаде Шилегов.

Тој посочи дека целокупниот идеен и изведбен проект за зелениот покрив на Градскиот трговски центар, согласно кој Градот Скопје ќе инвестира во проектот, е донација од претпријатието.