Се средува пешачката патека кај насипот во Ѓорче Петров, новиот градоначалник Стојкоски на терен

Новиот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска излезе на терен каде започнаа акциите за чиста општина. 

-Нема повеќе висока вегетација, купишта отпад и малку клупи и канти за отпадоци на пешачката патека кај насипот! Екипите на Ѓорче се веќе на терен и работат на средување на ова запуштено место, бидејќи го слушаме вашиот глас и важни ни се вашите мислења и потреби, вели Стојкоски. 

Тој рече дека нивната цел е граѓаните да бидат задоволни од изгледот на пешачката патека, која, како што рече, треба и мора да биде функциoнално и урбано место, каде од најмлади до најстари ќе го минуваме слободното време, ќе муабетиме, ќе разменуваме идеи, ќе се рекреираме.

-Свесен сум и за проблемот со осветлувањето. Веднаш стапив во контакт и со службите во Град Скопје. Добив ветување дека во најкус можен рок ќе се реши и овој недостаток на пешачката патека кај насипот, додаде градоначалникот на Ѓорче Петров.