По цели 43 години и неколку средби со надлежните и со родителите со градоначалникот Андреј Жерновски, одлучено е дека е потребна комплетна реконструкција на оваа центарска градинка.

Договореното се реализира и во завршна фаза е поставување на нова фасадна столарија. Сменети се 102 прозори, поставени 6 коморни прозорци кои се енергетски ефикасни, со четири сезонско стакло.

Заедно со новите 18 врати, градинката "Корчагин", која е на површина од 1923 метри квадратни, ги исполнува сите стандарди за енергетски ефикасен објект. Реконструкцијата на овој објект беше и избор на граѓаните на Центар, кои на Форумите на заедницата изгласаа да се обезбедат пари за оваа намена и дека ова е еден од проектите кој под итно треба да биде поддржан. Средствата се обезбедени со помош на Фондацијата Отворено Општество – Македонија.

И децата од градинката "Пепелашка", која е сместена позади Црвениот крст и е на површина од 915 метри квадратни, ќе престојуваат во многу подобри услови. Во тек е изработка на проект за реконструкција на клонот на објектот "Пепелашка", со што ќе биде целосно реконструиран и ќе стане енергетски ефикасен. Ќе се менуваат вратите, прозорците, градинката ќе добие целосно нови занимални и помошни простории.

Куќата во која е сместена во оваа градинка била во сопственост на еврејско семејство, кое за време на депортацијата во Втората светска војна, ја оставиле како завет да се користи исклучиво за детска градинка.

Општина Центар продолжува со подобрување на условите за учење и престој на децата. Затоа, се чека одлуката на Советот на Град Скопје за ослободување од комуналии, за да почне доградба на основното училиште "Гоце Делчев" за 500 метри квадратни.

Учениците ќе добијат 4 нови училници, 3 помошни простории, а дел од реконструктивниот зафат е и поставување лифт за деца со инвалидност и пречки во развојот. Со реконструкцијата училиштето ќе има сутерен, приземје и 2 спрата и многу подобри услови за квалитетно образование.