Се играат финалните натпревари од средноучилишната лига на Град Скопје за учебната 2015/2016 година

Денеска и утре  се одигруваат финалните натпревари од средноучилишната лига на Град Скопје за учебната 2015/2016 година, во екипните спортови футсал, ракомет, кошарка и одбојка, во машка и во женска конкуренција.

Во оваа учебна 2015/2016 година во системот на натпревари на средните училишта во Скопје учествуваа 241 екипа, кои одиграа преку 1.000 натпревари и во кои учествуваа околу 6.100 ученици од 29 средни училишта од Скопје.

Во ова натпреварување се организираат 10 лиги кои траат во текот на целата учебна година, и тоа:

* Ракомет (М) и (Ж) 38 екипи

* Кошарка (М) и (Ж) 39 екипи

* Футсал (М) и (Ж) 48 екипи

* Одбојка (М) и (Ж) 43 екипи

* Пинг – понг (М) и (Ж) 38 екипи

* Стрелаштво (М) и (Ж) 35 екипи

Во делот на индивидуалните и преостанатите спортови се организираат натпревари и во атлетика, бадминтон, карате и во шах.

Град Скопје преку Сојузот на средноучилишен спорт во Скопје секоја година инвестира во развојот на средноучилишниот спорт. За организација на средноучилишниот спорт во Скопје, Градот Скопје годинава одвои 2.000.000 денари.

За потсетување, во 2009 година во лигите учествувале околу 300 ученици–спортисти. До 2015 година, со тековните активности што ги презема Град Скопје заедно со средните училишта, во средноучилишните лиги учествуваат околу 6.100 ученици–спортисти.