За жал, загрозените социјални семејства мака мачат да обезбедат топла облека за своите деца. Хуманите луѓе се тие кои што им излегуваат во пресрет на овие семејства, а речиси секој има дома некоја јакна или џемпер кој повеќе не го носи, а на некого таа јакна би значела потопла зима.

Зимата е на самиот праг, а топлата облека е неопходна за секого. За жал, загрозените социјални семејства мака мачат да обезбедат топла облека за своите деца. Хуманите луѓе се тие кои што им излегуваат во пресрет на овие семејства, а речиси секој има дома некоја јакна или џемпер кој повеќе не го носи, а на некого таа јакна би значела потопла зима. Неколку млади девојки се впуштија во хуманитарна акција на социјалните мрежи, каде собираа облека за социјалните семејства и нивниот исход од неколку дневната акција беше и повеќе од очекуваното. Пасифаи, Луција, Сања и Олгица се другарки кои за само неколку дена самноиницијативно успеаа да соберат доволен број на облека и обувки кои ќе ги поделат на повеќе  социјално загрозени семејства. Во разговор за скопјеинфо тие ни ја раскажаа својата иницијатива, а на тој начин веруваат дека ќе ги убедат и останатите граѓани да постапат слично како нив и вишокот на облека да го дадат на оние кои им е најпотребно.

-Со мојата пријателка Пасифаи имавме блиска средба со лица од социјална категорија, кои зимата ја дочекуваа со страв дали воопшто ќе имаат нешто топло да облечат. Сликата која ја видовме и тоа чувство дека децата нема што да облечат, силно не погоди и веднаш одлучивме да објавиме на фејсбук и твитер дека собираме облека за социјални семејства, а Сања и Олгица веднаш прифатија да бидат дел од акцијата. Искрено не очекувавме дека ќе има таков одзив од граѓаните. Веднаш не контактираа голем број на граѓани кои се понудија да се вклучат во акцијата, а ние одевме и ја земавме облеката, објаснува Луција.

Во разговорот тие посочуваат дека цела седмица биле ангажирани околу собирање на облека, дека навистина е напорно покрај работните обврски да стигнеш на голем број на локации во главниот град, но волјата и помислата дека некому ќе помогнеш им давала мотив.

-Паузите на работа ги користевме за да се сретнеме со хумани граѓани и да ја земеме облекаа која ја подготвиле, по завршувањето на работните обврски исто така продолжувавме до доцна навечер во прибирање облека. Искрено немавме претстава колку облека имаме собрано бидејќи само ја складиравме. Во саботата кога се собравме за да ја складираме облеката, всушност сфативме колку многу облека имавме собрано. Цели осум саати ја складиравме облеката, тој ден заборавивме на кафулињата, имавме само една цел, а таа беше да ги обезбедиме децата со топла облека. Денот го поминавме делејќи ја облеката на машки и женски, за деца и возрасни, за бебиња, за да можеме на повеќе семејства да им поделиме облека, а во неделата посетивме неколку семејства, вели Пасифаи.

За да можат полесно да ја поделат облеката и таа да стигне до поголем броја на семејства, успеала да направат списоци на семејства и колку членови бројат тие по возраст, за секој од нив да добие облека.

-Бидејќи собравме многу облека, која беше во одлична состојба и чиста, одлучивме дека голем број на семејства можат да ја добијат истата и затоа се ангажиравме да дознаеме повеќе семејства на кои им е потребна помош и ја групиравме облеката. Сметавме дека не е во ред некое дете да добие неколку зимски јакни, а некое дете да останеме без ниедна, посочи Сања.

На сликите можете да погледнете колку облека успеале да соберат овие девојки за само неколку дена, а заради зачувување на идентитетот на лицата на кои им била дадена облека нема да објавиме слики со нив.

Тие понатаму изразуваат голема благодарност до сите хумани граѓани кои се вклучија во оваа акција, истакнувајќи дека голем број на семејства ќе бидат опфатени во оваа акција. Исто така, покрај облеката и обувките успеале да обезбедат храна и хигиенски средства за семејствата и дека во наредните денови и останатите семејства ќе бидат опфатени со хуманата акција. Девојките упатија апел до јавноста доколку познаваат семејства на кои им е потребна облека да ги контактираат преку скопје инфо на: contact@skopjeinfo.mk.