Седумдесет илјади невработени лица доставиле биографии на двата одржани каравани саеми за вработување кои досега ги организира Агенцијата за вработување во повеќе градови во Македонија.

Денеска со Саемот за вработување во Скопје завршува третиот по ред караван на кој учествуваат 50-ина фирми кои пред заинтересираните невработени лица од Скопскиот регион ја претставуваат својата дејност и слободните работни места.

Саемот официјално го отворија директорката на скопската Агенција за вработување Слободанка Алексовска и заменик-директорот на Агенцијата за вработување Арбен Зибери.

– Изминатите години напорно работевме и континуирано преземавме различни активности кои имаат една цел – отворање нови работни места. Резултатот од вложениот труд е евидентен и најдобро е отсликан преку стапката на невработеност во РМ која континуирано во последните 10 години се намалува и согласно податоците на Државниот завод за статистика во моментот е најниска и изнесува 22,9 проценти, рече Алексовска.

Според неа, намалувањето на невработеноста покажува на позитивните ефекти од реализацијата на политиките за вработувања насочени кон отворање нови работни места, креираните работни места од страна на странските инвеститори и домашните компании, како и зголемената соработка меѓу странските и домашните компании.

Алексовска посочи дека оперативните планови на Владата од 2007 до 2016 година отворија нови работни места. Над 102.000 учесници се поминати низ активните мерки, од кои над 43.000 се уште се во работен однос. За годинава, како што истакна, согласно оперативниот план предвидени се да поминат над 41.000 лица и да се вработат најмалку 10.000 лица како директни вработувања.

– Еден од најуспешните проекти е законската можност „Македонија вработува“ која досега вкупно со можноста за вработување на млади лица до 29 години отвори нови 34.500 работни места, од кои 60 проценти се вработени млади до 35 години. Во оперативниот план за годинава младите лица имаат загарантирано минимално учество од 30 проценти и многу мерки се наменети само за нив, рече Алексовска.

Саемите за вработувања што ги организира Агенцијата за вработување се една од мерките кои во континуитет се реализираат со цел поврзување на понудата и побарувачката на работната сила.

Заменик-директорот Зибери рече дека особен акцент се става на зголемување на можностите за вработување на младите лица и олеснување на нивниот премин од образование до вработување.

Овој циклус саеми за вработувања почна пред еден месец во Скопје и ги опфати Штип, Кавадарци, Битола, Тетово и Струмица. Сите посетители на саемите имаа можност да се запознаат со условите што ги нудат работодавачите за вработување, како и за нивно вклучување во активните мерки и програми што ги реализира Агенцијата. Се нуди и можноста да закажат интервју со работодавачите, да остават своја работна биографија и да добијат информации за побарувањата на пазарот на трудот. Во рамките на саемите се организираат и форуми со работодавачи и инфо-средби со млади лица.