Во Музејот на Град Скопје вечер ќе биде промовиран романот „Земјотрес, 5:17“ од Владимир Плавевски што неодамна го објави „Македоника литера“, а кој е тематски врзан со земјотресот од 26 јули 1963 во Скопје.

За романот, што се промовира во рамки на „Скопско лето“, ќе зборува Данило Коцевски, литературен критичар и хроничар на Скопје, а извадоци ќе чита Снежана Конеска–Руси.

Плавевски во романот раскажува драматична приказна, а сугестивно и сликовито ги опишува катастрофата, животните премрежиња и страдањата на скопјани во земјотресот. Приказната се потпира врз многу веродостојни факти и документи, при што авторот преку опишаните настани преточени во уметничка проза – врши уверлива реконструкција на настани пред и по земјотресот.

Романот е посветен на трагични теми од историјата на градот, но во сите тие мачни, мрачни и тегобни сцени, слики и епизоди, најдолго се провлекува една љубовна приказна. Токму таа приказна е нишката која ги поврзува сите епизоди на ова дело.

Приказната тече во три паралелни дискурси – двата ги водат главните јунаци на љубовната приказна, а третиот дискурс, се појавува подоцна, го води спореден јунак, но мошне клучен за некои расплети. Ваквиот пристап само уште повеќе ѝ дава динамика на приказната, а на романот му дава уште покомплексна структура.

Владимир Плавевски (1948) е романсиер, раскажувач, драмски писател, фотограф, сценарист и режисер. Досега ги објавил романите: „Цена од Ново Маало (2009)“, „Последниот сплавар на Вардар“ (2010, второ издание со наслов „Сплаварот“), „Јадица“ (2013 – награда Роман на годината, две изданија), „Комита“ (2015), книгите со раскази: „Играч на фанта“ (1999), „Амкање“, (2001), „Ловец на самовили“ (2004), „Поплава“ (2006), „Вистински приказни“ (2011); како и книгите: „Градител на боговите“ (1997, псевдоантичка трагедија), „Папарацо – феномен на денешнината“ (1997) и „Фотографија“ (1998).

Негови романи се преведени на полски и бугарски јазик.

Добитник е на повеќе награди на конкурси за расказ, а воедно е и автор на драмски дела за театар, сценарија за телевизиски филмови, играни серии, радиодрами,…