[Програма] Недела за паметење: Скопје ќе грми концерти и настани што следуваат

Викенд настан:

Подгответе ги милениците за избор на мис и мистер!

Кинолошкото друштво Скопје на големо се подготвува за двете изложби ЦАЦ и ЦАЦИБ што се закажани за 18 и 19 јуни.

Од друштвото информираат дека на изложбите се очекува да се пријават голем број кучиња од земјава и странство кои ќе можат да се натпреваруваат во повеќе класи.

- И годинава, судии на изложбите ќе бидат познати имиња во кинологијата од регионов, велат од друштвото. До сега, додаваат, за меѓународниот натпревар се пристигнати околу триесетина пријави од Србија, Бугарија, Грција, Романија, Црна Гора, а има и најави за натпреварувачи од Франција, САД и Канада.Според досегашните искуства, домашните учесници се пријавуваат десетина дена пред закажаниот термин, велат од Кинолошкото друштво.

На изложбата може да учествуваат сите видови кучиња со педигре како и шарпланинци без родовници кои имаат можност да добијат условно педигре. 

Неделен распоред на културни и забавни настани :

Енрике Иглезијас 

На 20 јуни (понеделник) во Скопје концерт ќе одржи Енрике Иглезијас. Тој доаѓа тука во рамки на светската турнеја „Sex and love“ со која го промовира најновиот албум. 

Од „Авалон продукција“ најавија повеќе концерти за летото, меѓу кои и Џон Њуман, Ники Ромеро и Продиџи. За концерот на Енрике се' е подготвено, откриваат тие. 

Што се однесува до барањата на ѕвездата, од „Авалон продукција“ откриваат дека неговото барање била техничката подготвеност за време на концертот, а во однос на личните барања бил скромен. 

Тие не открија кога пејачот ќе пристигне во Македонија.

Џон Њуман

Џон Њуман, англиската соул ѕвезда и еден од најбараните пејачи на денешницата, за прв пат ќе настапи на 21 јуни во ВИП арената во СЦ „Борис Трајковски“. 

Во својата кратка, но исклучително успешна кариера, Џон Њуман запиша импресивен број хитови - солистички и како соработник со други артисти. Неговата кариера почнала уште во тинејџерските години, а ескалираше со песната „Feel the love“ со „Rudimental“, каде што постигна светска слава, додека неговиот дебитантски албум, насловен „Tribute“, се искачи на врвот на британската топ-листа на албуми и доби платинесто издание. 

Еден од најпопуларните музичари на денешницата, Џон Њуман, со секоја нова песна не се симнува од светските топ листи, а во Скопје доаѓа со новиот албум „Revolve“, каде што македонската публика премиерно ќе може да слушне неколку песни што досега овој пејач ги немал изведено во живо. 

Моќниот соул вокал е вграден во најголемите хитови на денешницата како што се: „Love Me Again“, „Loosing Sleep“, „Out Of My Head“, „Cheating“, „Tiring Game“, „Come and Get It“, најновата „Give Me Your Love“ на која соработува со Нил Роџерс и Сигала, како и соработката со „Rudimental“ со хитовите „Not Giving In“ и „Feel The Love“ или ултрапопуларната „Blame“ со Калвин Харис со која ги освои светските топ листи.

„Гола месечина“ во Аеродром

Осум театри ќе настапат на осумдневниот фестивал на комедијата „Гола месечина“ кој го организираат театарот „Комедија“ и Општина Аеродром. Меѓународниот фестивал ќе се одржи по трет пат оваа година од 20-ти до 29-ти јуни. „Гола месечина“ ќе се одржи на отворената сцена во спортскиот центар во населба Ново Лисиче, а ќе настапат 4 македонски театри, плус театри од Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина.

Посетителите ќе имаат прилика да ги видат изведбите на „Автобусот“ на „Алеко Константинов“ од Софија, „Балкански шпион во Сараево“ од Народен театар Сараево, „Елинг“ од Белградскиот драмски театар и „Жорж Данде“ од Народен театар Ниш. Од домашните театри ќе се претстават прилепскиот Народен театар „Војдан Чернодрински“ со претставата „Хамлет од Горно Дупени“, охридскиот Народен театар со „Парламентарки“, Театарот за деца и младинци со претставата „Македонска приказна“ и популарната „Нешто пропуштаме“ на Театар „Комедија“.

На завршната церемонија на затворање на фестивалот на 29-ти јуни, ќе бидат доделени четири награди, за надјобра женска и машка улога, најдобра режија и Гран-при за најдобра претстава. Во рамки на фестивалот ќе бидат промовирани и драмите на Венко Андоновски „За секого има по една“ и „Господарот на кукавицата“. Организаторите најавија и работилница за актери која ќе ја водат актерите од театарот „Комедија“. 

„СКОПЈЕ ЗА БОУВИ“: Види музика, слушни слика, добиј книга!

Деветтото издание на мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“ годинава ќе се одвива во чест на британската музичка легенда, Дејвид Боуви.

Оркестарот на Македонската филхармонија под диригентство на Емин Џијан, придружен од Женскиот хор при МКЦ, ќе изведе некои од неговите најголемите хитови.

Своите сликарски вештини на платно ќе ги претстават уметниците Агрон Абдули и Ивана Младеновска.

За вистинските фанови на Боуви бесплатно ќе бидат поделени 20.000 бесплатни примероци од книгата „Психоделија во предградието“, објавена на почетокот на 2016 година од неговата некогашна љубовница Мери Финиган, која во прво лице зборува за самите почетоци на кариерата на Боуви.

23. ЈУНИ ГРАДСКИ ПАРК 21:00

Организатори: Македонска филхармонија и Младински културен центар