Повторно стапуваат на сила интервентните мерки против загадувањето. Од општина Аеродром апелираат до граѓаните да ги следат препораките на надлежните институции.

Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеролошки работи, прагот на алармирање за PM10 (надминување на вредноста од 200 µg/m3 во текот на два последователни денови) е надминат во Скопје на мерните места Ректорат и Лисиче.

Соодветно препораките на централната и градската власт и заложбите на Општина Аеродром, повторно ги активираме дополнителните интервентни мерки кои се однесуваат на целата територија на Општината, конкретно:

- работниците на отворено работат од 11.00 до 17.00 часот;
- бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста се ослободуваат од работни обврски;
- се одложуваат активностите на отворено, доколку не се итни;
- се откажуваат сите активности на отворено во кои учесници се децата како најранлива популација во однос на загадувањето на воздухот;
- се намалува до 50% употребата на службените возила;
- продолжуваат зголемените инспекциски контроли на субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла од страна на општинските инспекциски служби;
- ќе се обезбеди прифатилиштe за сместување на бездомници.

Овие интервентни мерки ќе бидат на сила се додека е надминат прагот на алармирање, што според прогнозите на Управата за хидреометеролошки работи се предвидува да биде до петок (12.01.2018).

Во меѓувреме Општина Аеродром апелира до граѓаните:

- да не ги користат возилата без потреба
- повеќе лица да се возат во едно возило
- да се користи јавниот превоз
- за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, односно за затоплување да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци
- печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот