Постојан замор - кои се причините и решенијата?

Секој од нас се соочува со ниско ниво на енергија од време на време, но постојаниот замор е нешто на што треба да обрнеме внимание.

Photo by We-Vibe Toys on Unsplash

Но кои се причините за тоа?

За почеток, треба да погледнеме на протеините, јаглехидратите и мастите во нашата исхрана. 

Понекогаш, нискиот број на калории кои ги внесуваме во текот на денот би можел да биде причина за заморот. Голем дел од луѓето одлучуваат да бидат на диета, но не земаат предвид дека на нашето тело храната му е како гориво кое му е потребно за да функционира во текот на денот. Недоволниот внес на калории, како и хранливи материи придонесува за ниско ниво на енергија.

Дополнително, јаглехидратите се нешто што ни е потребно за да функционираме. Колку и да имаат тие лоша репутација поради одредени митови во исхраната, недостатокот на јаглехидрати има значајно влијание на тоа како се чувствуваме во текот на денот. 

Протеините исто така имаат влијание на нивото на енергија, односно нискиот внес на протеини придонесува за ниско ниво на енергија. Затоа е важно да внесуваме храна која е богата со протеини, која ќе му помогне на телото добро да функционира. На протеините им е потребно повеќе време да се разложат во телото, што овозможува и дополнителна енергија за сите оние кои се трудат да бидат активни во текот на денот. 

Мастите имаат репутација на нешто што треба да го избегнуваме, но не смееме да заборавиме дека добрите масти се важни за нашата исхрана. Истражувањата покажуваат дека омега 3 масните киселини придонесуваат за подобрување на когнитивните функции, подобрувајќи ја циркулацијата во мозокот, помагајќи ни да останеме свесни и со високо ниво на енергија.

На крајот, не смееме да заборавиме на хидратацијата бидејќи внесот на вода исто така има големо влијание на  тоа како се чувствуваме во текот на денот. Дури и само 1-2% недостаток на вода создава замор во текот на денот. Фокусирајте се на пиење течности кои не се засладени, но и консумирање овошје  и зеленчук кои се богати со вода.