Поскапуваат бананите, се очекува зголемување од речиси 30 отсто

За многу брзо време на пазарите но и низ маркетите ќе видиме нови цени на бананите. Како што пренесува порталот „Денар“ новата цена се очекува да надмине 100 денари за килограм и е драстично повисока од постоечката која изнесува 75 денари.

Пазараџијата Горан Илиевски изјави во разговор за Денар дека е во дилема дали воопшто да купува банани за да ги препродава по висока цена или воопшто да не нуди банани на тезгата.

„Добивме информација дека набавната цена на бананите ќе се зголеми поради климатските промени и болестите кои ги засегнуваат плантажите. Ова ќе има директно влијание на нашите трговски цени и на крајните потрошувачи. На оваа сиромаштија помеѓу народот, кој ќе може да си дозволи банани за 100 денари? И сегашната цена од 75 денари им е висока, па луѓето се ценкаат или купуваат банани на парче. Најверојатно ќе мора да скратам од понудата и да се откажам од продажбата на банани”, ни изјави Илиевски.

Ваквото зголемување не им одговара ниту на продавачите ниту на купувачите. Едните ќе мора да се приспособат на новите услови, другите ќе мора да скратат од нивната потрошувачка кошница.

Инаку, најголема загриженост меѓу експертите и производителите на банани предизвикува новата верзија на Панамската болест, габична инфекција позната како Fusarium Wilt TR4, која се пресели од Австралија и Азија во Африка, а неодамна во Јужна Америка.

Производителите се соочуваат и со други притисоци поради зголемените трошоци за ѓубрење, енергија и транспорт, како и со недостиг од работници.

Поради сето ова, со галопирачките климатски промени, цените на бананите веројатно ќе пораснат и нема да паѓаат понатаму.