Порано се беше поедноставно.
Јас бев поедноставна.
Не ми беше потребно навечер да трчам за да ја проветрам главата.
Не ми беше потребно да се тргам од некои луѓе.
Не ми беше потребно да барам мир од самата себе.
Не ми беше потребно почесто да зборувам со кучето отколку со луѓето.
Не ми беше потребно да пијам за привремено да заборавам.
Не ми беше потребно да се менувам себеси.
Не ми беше потребно да учам за луѓето.
Не ми беше потребно да учам за себе.
Не ми беше потребно да трагам по смисла, јас ја живеев смислата.
Се беше поедноставно.
Јас бев поедноставна.

Вчера прашав едно девојче што сака да биде кога ќе порасне. Таа ми вели:
„Уште е рано за тоа. Кога ќе дојде време за тоа, тогаш ќе размислувам за тоа. Не сега.“

Таа има десет години и ја кажа вистинската работа.

Се ќе беше многу поедноставно кога човек за некои работи би можел да размислува кога ќе дојде време за тоа.

Денес за утре.

Каква магична формула за среќа.

Потрошив минимум 5 години размислувајќи за работите кои се уште не се случиле и уште три години потрошив во правење планови за ситуации, се во фазонот: што би било, кога би било. Деновите се турбулентни, животот е превртлив, тоа што денес ќе го смислиш утре нема да излезе како што си замислувал.

Никој не дава гаранции за ништо. Дури ни за еден ден.

Одиш, се гребеш, се докажуваш, прекувремено работиш, одговорен си и добиваш отказ. На пример.

Ја сакаш, се трудиш, и даваш внимание, даваш време, и го даваш срцето и таа те остава. Поради будала. На пример.

Внимателен си со луѓето, воспитан, подготвен да помогнеш, да сослушаш, да дадеш поддршка и тогаш сфаќаш дека ти забиле нож во грб. На пример.

Трчаш, се храниш здраво, си престанал да јадеш мрсно, јадеш овошје и зелечнук, постојано пиеш вода и утре некоја будала ќе те прободе за 100 денари. На пример.

Ова не значи дека треба да се налеваме со алкохол, да бегаме од љубов или да се однесуваме лошо, затоа што тогаш не можеме да бидеме изневерени и повредени од животот.

Ова значи дека не постојат правила.

И дека себеси мораме да се подготвиме за тоа.