Положено цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје (фото)

Денеска, пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје, пред платото на Владата на Република Македонија, официјални делегации од нашава земја и од странство, положија цвеќиња во чест на Денот на ослободување на Скопје, 13 Ноември. Цвеќе положи и делегација од Град Скопје составена од градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

- И по 71 година од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември не го губи значењето на исклучителен датум во поновата историја на главниот град на Република Македонија. Историјата не може да се врати, но секако и денес вреди да се потсетиме на херојските дела на генерал Михајло Апостолски, на Цветан Димов, на Кузман Јосифовски – Питу, на Панче Неделковски и на сите други што ги посветиле животите за слободниот просперитет на нашиот град.Скопје бил и останува политички и културен центар на нашата татковина и затоа сметам дека ова е вистинска пригода да им се оддаде целосна почит и на плејадата борци и преродбеници од разни периоди на историјата кои или постојано дејствувале во Скопје или поминале значителен дел од својот живот во нашиот град. Затоа што делото на ослободителите не е изолиран чин на ангажман предизвикан од актуелните настани во Втората светска војна, туку континуитет на вековна организираност во разни форми на борба за самостоен развој. Безвременоста на нивното дело, на оваа генерација скопјани им остава обврска секоја година да изразат почит кон придобивките од нивната борба, но и оваа енергија да се пренесува на идните генерации. Затоа што ангажманот за Скопје не престанува, ни со жртвата на ослободителите, ни со работата на актуелната градска власт. Уште многу вода ќе протече низ Вардар додека да се достигне идеалот за модерен функционален град.Сакам да им се заблагодарам на сите што ни се придружија во одбележувањето на овој најзначаен датум во поновата историја на градот Скопје- истакна градоначалникот Трајановски.

Во името на борците ослободителите на Скопје се обрати Трајко Стаматовски, којшто истакна дека говорел неколкупати на одбележување на годишнини од ослободувањето на Скопје, но секогаш му е чест да се обрати од нивно име.

- Секогаш кога сум говорел за ослободувањето на Скопје сум ја истакнувал херојството на ослободителите на нашиот главен град- единиците на III,XII и XVI македонска брига, борбите што ги водеа по улиците на Скопје и во чистењето на поголемите објекти во кои беше забарикадиран непријателот. Ние извојувавме победа и ги остваривме стремежите на претходните генерации и го направи тоа исклучиво со сопствени сили, свесни дека до вистинска слобода се доаѓа само на таков начин.

Пред споменикот на ослободителите на град Скопје, цвеќиња и венци положија: делегација на Градскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната антифашистичка војна - Скопје; делегација на Град Скопје; делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија; делегација од Владата на Република

Македонија; делегација од Собранието на РМ, делегација од Министерството за одбрана на Република Македонија; делегација на Генералштаб на АРМ; Делегации од 12-та; 3-та и од 16-та Македонска народнослободителна ударна бригада; Секцијата на жени борци; делегации од oпштините на град Скопје, делегации на политичките партии, делегации од јавните претпријатија на Град Скопје; делегации од јавните културни установи на Град Скопје; делегации на средните училишта на Град Скопје, делегација на Црвен крст на град Скопје и на Република Македонија; делегација на Еврејската заедница, како и делегации на дипломатскиот кор во РМ и граѓани на Скопје.