Десет години наназад секојдневно слушам дека една влада ќе направи ова за младите, дека другата влада ќе направи тоа за младите. Но, едно е сигурно и оваа и претходната влада направија една важна работа: ги натераа младите да си заминат од Македонија.

На почетокот само да наспоменам дека овој текст не e наменет тенденциозно кон некоја политичка партија. Немам потреба да бранам некого. Прво, сите се исти. А, второ и едните и другите не направија ништо за мене и за таа една цела група на луѓе кои со евтиниот „визер лет“ заминавме и не планираме да се вратиме назад.

И токму тој ефтин „визер лет“ е најдобра асоцијација за државата во која што живееме. Скромни, услови..немаш право на избор. Лета кон неколку дестинација, но ниту една од нив не е посебно атрактивна. Така и нашава држава оди напред, но никако да стигне до неколку атрактивна цел, за жал.

Јас сум три години во Шведска, тука имам менаџерска позиција и солидна плата. За жал не знам ниту еден мој другар или врсник кој во Македонија за толку кратко стигнал до менаџерска позиција. Освен, тие што беа послушници на политичарите – станаа директори и освен тоа што учествуваа во упропастувањето на државата со цел да ги задоволат симпатиите на лидерите, не направија ништо друго.  Деновиве читам дека докторите масовно заминуваат во Германија и таму се многу поценети и подобро платени. Жално е да учиш десет години факултет и твојата држава да не може да најде начин да ти обезбеди солидни услови за работа.

Гледам, за скоро ќе се покачи и цената на бензинот и дизелот затоа што Македонија имала многу ниски цени во споредба со другите европски држави. А, се запраша ли некој какви се платите во Македонија во споредба со другите европски земји.  Дали некој размисли како еден млад човек ќе може со таа скромна плата да вози возило?

Трета работа е етничките прашања и прашањата на Албанците. Искрено, преку глава ми е секојдневно да слушам дека Албанците сакаат повеќе права, а Македонците се против тоа. Ќе дојде ли некогаш време кога сфатиме дека сите градиме една држава? Дали тие албанци живеат во некоја друга држава што не се вика Македонија? Дали тие знаат македонски? Јас мислам не!

Македонија денес е земја на пензионери на кои државата им обезбедува милион бенефиции, а младите се на работ на општество и таму се борат да преживеат ден за ден. Крпат да спојат понеделник со петок и кога ќе сфатат дека не можат да го направат тоа – спојуваат Скопје со Малта и засекогаш заминуваат од својот крај.

Ни ја земаа младоста и на натераа подобар живот да бараме на запад, да се мачиме во нова средина и ново општество и да почнеме нов живот од почетокот.  Не присилија да го оставиме семејството и да еднаш годишно да дојдеме на пет дена да се видиме со нив. И не само на мене, туку на една генерација млади луѓе кои за жал живеат во оваа вечно транзициска држава.

Драги политичари од мое име и од име на тие десетици илјади иселени млади луѓе сакам да ви кажав: Фала!

Заминавме и не враќаме. Ќе читаме и слушаме за Македонија. Ќе раскажуваме дека е убава земја која треба да се посети.  А, ние ќе ја посетиме, но со куфер полн желби за подобро утре.