Почна реконструкцијата на училиштата со средства од проектот „Скопје 2014“

Средното училиште „Кочо Рацин“ е прво од 11-те училишта во Скопје кои ќе бидат реконструирани во текот на летото со пренамена на средствата предвидени за „Скопје 2014“.

„Како што најавивме на почеток на оваа година, Градот Скопје во текот на летниот распуст почнува голема реконструкција на 11 средни училишта во нашиот град. Ние мислиме на загадувањето и во летниот период и перманентна и константна е нашата работа. Го решивме проблемот со Дрисла, со Усје, решаваме еколошки проблеми во текот на летото за да немаме многу проблеми во текот на зимата. Еден од овие проекти е и решавањето на енергетската ефикасност на објектите коишто се под надлежност на нашиот град како што се средните училишта. Оваа акција, којашто започнува денеска, треба да заврши до крајот на летниот распуст со цел децата непречено да одат на настава“, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој додаде дека училиштата ќе се изврши целосна реконструкција на фасадите со цел тие да станат енергетски ефикасни, а во дел од нив ќе се изврши целосна реконструкција на внатрешноста и замена на столаријата.

Висината на средствата што се планирани за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари, од кои 46 милиони денари се за фасади, а преостанатите за санација на санитарни јазли, подови, врати, електрика и греење.