ПО СИНОЌЕШНОТО УНИШТУВАЊЕ: Нови стакла на канцеларијата на Иванов (ФОТО)

Демонстрантите што вчера излегоа на протест против одлуката на Ѓорѓе Иванов за помилување на сите политичари и од власта и од опозицијата, со тврди предмети ги искршија стаклата на Народната канцеларија на претседателот, влегоа внатре и изнесоа дел од инвентарот на улица, кој подоцна го запалија. Оттаму продолжија кон Министерството за правда каде што продолжија со кршењето на прозорците.

„Дел од граѓаните, кои беа собрани пред канцеларијата на претседателот, фрлале камења, јајца, како и димни бомби кон објектот. Притоа биле оштетени неколку прозорски стакла. Околу 21 часот дел од масата, која била пред Канцеларијата на претседателот, успеала насилно да влезе во просториите од каде што изнела дел од инвентарот и го запалила на улицата пред објектот. Дел од истата маса со тврди предмети ја оштетиле влезната врата и неколку прозорци на објектот на Министерството за правда. Нарушителите биле потиснати и оддалечени од објектот, а 13 од нив се приведени“, пишува во полицискиот билтен на МВР.

Во соопштението се наведува дека околу 21.30 часот насобраните граѓани се разотишле. Во 23 часот во градската општа болница за укажување на лекарска помош е донесен еден од учесниците на протестите, како и еден новинар.

Сите 13 уапсени во синоќешните протести ноќта ја поминаа во полициска станица. Со нив сè уште се врши информативен разговор.

Фото: Телеграф