ПО ФИНАЛЕТО НА СУПЕР КУПОТ НА УЕФА : Акција за чистење на централното градско подрачје и градскиот стадион

Веднаш по завршувањето на Супер купот на УЕФА, во текот на вчерашната ноќ екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје спроведоа посебна акција за чистење на централното градско подрачје – плоштадите Македонија, Филип Втори, Богородица, Мајка Тереза и ВМРО, како и пошироката околина на Градскиот стадион.

Во акцијата беа ангажирани 60 работници, додека од механизацијата се употребуваа: две големи метлачки, едно специјално комунално возило – пијаџо, едно специјално комунално возило – кипер и три автоцистерни.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје извршија и расчистување на улицата Самоилова и платото пред црквата Св. Спас под Скопското Кале, каде што се одвива манифестацијата Пивофест.

Вчерашната акција преставува завршница на едномесечните активности што ЈП „Комунална хигиена“-Скопје ги спроведуваше во пресрет на Супер купот на УЕФА, во насока на одржување на јавната чистота во централното градско подрачје и во околината на Градскиот стадион.

Започнувајќи од 11 јули 2017 година, во овие активности секојдневно учествуваа приближно 20 работници коишто беа ангажирани за расчистување на отпадот, чистење и метење на скалите што ја поврзуваат ул. Лазар Личеноски со кејот на реката Вардар, со рачно и машинско метење на скалите; рачно и машинско метење околу Градскиот стадион; расчистување на отпадот под мостот „Гоце Делчев“, Камениот мост, мостот „Мајка Тереза“, мостот „Око“ и мостот „Слобода“, како и рачно и машинско миење на сите улици и патеки околу Градскиот стадион.