Пластичарската улица ќе добие урбан лик

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Oпштина Чаир, Изет Меџити и директорите на јавните градски претпријатија одржаа средба со претставници на урбаните и на месните заедници од општина Чаир, во рамки на тринаесеттиот циклус посети на општините на Град Скопје.

На почетокот од средбата градоначалникот Трајановски направи краток осврт за досегашната соработка со Општина Чаир и реализираните проекти на територијата на оваа општина, а ги најави и предвидените проекти за следната година.

- Изминативе неколку години, на територијата на општина Чаир, Градот Скопје реализираше голем број проекти во насока на подобрување на животот на граѓаните во оваа општина, а со истата динамика ќе продолжи и натаму. Во 2016 година, Градот Скопје планира реконструкција и проширување на бул. Христијан Тодоровски Карпош во делот на Чаир, изградба на 4-та лента на улицата Никола Карев (пластичарска улица), како и изградба на атмосферска канализација на улица Џон Кенеди - истакна Трајановски.