Партизанска ќе добие нови пешачки премини за поголема безбедност

Булеварот „Партизански одреди“ ќе добие два нови пешачки премини, од кои се очекува поголема безбедност за пешаците кои го поминуваат најголемиот скопски булевар. 

Ново сообраќајно решение, односно нови два пешачки премини се во финална фаза на конструкција, на најфреквентните премини на булеварот „Партизански одреди“. Со новото решение, возилата кои чекаат на семафорот, ќе се оддалечат од местото каде пешаците поминуваат, а и ќе се реорганизира влезот на булеварот од споредните улички кои дополнително претставуваат проблем за пешаците. 

Едната локација е кај аптеката „Зегин“, каде улицата „Аминта Трети“ ја сече „Партизанска“, а другиот е веднаш пред пекарата „Силбо“, каде улиците „Костурски херои“ и „29-ти ноември“ се припојуваат кон булеварот. 

Триаголни пешачки острови се формирани на приклучувањата на улиците, каде и онака постои семафор. Со новото решение, возилата ќе бидат приморани да ја намалат брзината односно, потполно да застанат при вклучување на булеварот. Пешаците ќе имаат широк пешачки премин кој ќе биде одвоен неколку метри од „стоп-линијата“ на која мора да застанат автомобилите кои чекаат на семафорот. 

Сообраќајните незгоди кои се случуваа особено на овие две локации ги натераа градските власти да го решат овој проблем, па се очекува во иднина ваквите незгоди да не се случуваат.