Партиите постигнаа договор за излез од кризата

Партиите постигнаа договор за излез од политичката криза, информира американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, по денешните разговори на претставниците на партиите потписнички на Договорот од Пржино.

Договрено е прочистување на Избирачкиот список и чекори за поизбалансирано информирање. Лидерите на четирите политички партии, според постигнатиот договор, до крајот на август треба да ја оценат примената на договореното и да утврдат датум на предвремените парламентарни избори, кои ќе ги спроведе преодна влада формирана 100 дена пред нивното одржување. 

- Имаме добра вест да соопштиме дека партиите постигнаа договор речиси една година од нашиот договор во јули минатата година за понатамошна имплементација на договорот од Пржино. Наша надеж е дека со договорот ќе се постави патот кон кредибилни изобир на кои сите ќе учествуваат и ќе бидат признати од сите партии, изјави Бејли.

Договорот кој го постигнаа четирите партии, појасни, вклучува прочистување на Избирачкиот список, чекори да се обезбеди поизбалансирано известување, како и договор за преодна влада сто дена пред изборите особено во МВР. Лидерите на партиите ќе се состанат до 31 август годинава за да ја проверат имплементацијата на овој договор и да донесат конечна одлука и да преземат обврска за датумот на изборите, рече амбасадорот Бејли.

Четирите партии  ја повториле и посветеноста за примена на итните реформски приоритети на ЕУ, Охридскиот рамковен договор и за продоложувањето на евроатлантската интеграција на РМ. Исто така, потенцира американскиот амбасадор, се договорија да ја потврдат и својата посветенот на Законот за специјален обвинител доколку Уставниот суд одлучи против сето или делови од законодавството кое ја создаде оваа важна институција.

На средбата во Клубот на пратениците присуствуваа претставникот  од делегацијата  на ЕУ во Скопје Тиборг Бароди, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила  Шекеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.

Тодоров: Се отвора можност за организирање кредибилни избори

Се отвора можност да се организираат кредибилни избори на кои ќе учествуваат сите и на коишто народот ќе одлучи кому ќе му ја даде довербата, изјави Никола Тодоров, член на ИО на ВМРО-ДПМНЕ, по денешните разговори за излез од политичката криза. 

Тодоров нагласи оти очекува дека на овие избори народот ќе  може да одлучи и да поддржи проекти и дела, градби, реформи, наместо, како што рече,  уништување и криза.

- Со овој договор се гарантира дека СДСМ ќе биде оневозможена да прави масовни партиски чистки во МВР и оти со ова по завршувањето на изборите завршува оваа влада која што, односно целиот тој тим на министри, заменици, дополнителни заменици коишто ќе бидат во владата нивниот мандат ќе престане по сила на закон од  страна на ДИК, изјави Тодоров.

Тој додаде дека е задоволен што, како што потенцира, на виделина ќе излезе лагата и манипулацијата што за цело време ја пласирала СДСМ за Избирачкиот список. - Ќе се види дека Избирачкиот список за цело време бил прочистен, дека немало никаков проблем со него и оти не бил причина заради тоа што СДСМ губи на избори. Основна причина заради тоа што СДСМ губел на избори е нивната неподдршка од македонскиот народ односно поддршката која што македонските граѓани ја даваат на ВМРО-ДПМНЕ и програмата на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Тодоров.

Тоа што го барале СДСМ за Избирачкиот список, посочи, било прифатено. Сто седумдесет и една илјада  лица, како што појасни,  ќе бидат на посебен избирачки список обележани со ѕвездичка и нивното право на гласање не е доведено воопшто во прашање. Втора група од 39 илјади имаат обврска во определен временски период да се регистрираат. Доколку не се регистрираат, информира Тодоров, нема да бидат вклучени во Избирачкиот список, но ќе може да бидат повторно вклучени доколку се пријават во тек на јавниот увид за  Избирачкиот список за време на изборите.

- Тоа што СДСМ го бараше го доби, но она што ќе произлезе од целото нивно барање е тоа дека ќе се види оти цело време Избирачкиот список бил едно добро смислено алиби за блокирање или немање избори во Македонија, изјави Тодоров.

Се надевам, потенцира, дека овојпат СДСМ ќе се држи до договорот и нема повторно да бара изговор како овој договор да не се испочитува и повторно да избега од избори. - Се надевам дека СДСМ ќе собере храброст да се соочат со граѓаните и да дозволат како и во секоја демократија граѓаните да одлучат кој ќе ја води државата, рече Тодоров.

Доколку се прочисти Избирачкиот список и се направат промените околу медиумите, според Тодоров, во тој случај лидерите на партиите треба да потврдат дека се исполнети сите услови за избори, дека ќе учествуваат на тие избори и да се потврди датумот на избори.

- Не треба да се утврдува датум се додека немаме јасен став од СДСМ дека се исполнети сите услови за избори и дека ќе учествуваат на тие избори. Не смееме да дозволиме повторно да ја втурнат земјата во истата ситуација како двапати претходно, изјави Тодоров.

Шекеринска: Со фер и демократски избори Македонија ќе излезе од криза

Скопје, 20 јули 2016 (МИА) - Република Македонија ќе добие фер, демократски избори на кои што одлуката ќе ја носат граѓаните. Така и само така нашата држава ќе излезе од криза, изјави Радмила Шекеринска од СДСМ по денешните разговори на претставниците на партиите потписнички на Договорот од Пржино.

- На почетокот на целиот овој процес ветивме дека овој пат во Македонија прво ќе инсистираме да има обезбедни услови за фер и демократски избори, а дури потоа ќе обезбедиме договор за датумот  на изборите. Тоа овој договор го обезбедува, истакна Шекеринска.

Дополнително, како што додаде, ветиле дека сите еднострани потези од Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе мора да ги повлечат, а тоа исто било обезбено со овој договор.

Шекеринска истакна дека владата договорена во Пржино, владата која, како што рече, има за цел да организира фер и демократски избори, т.н. преодна влада, ќе се врати, а Законот за внатрешни работи кој што беше голем проблем во преговорите ќе биде одложен за следната година.

Ваквиот развој на настаните и ваквиот договор, како што посочи, обезбедува услови Република Македонија да заврши со оваа криза која, потенцираше, ни однесе многу време, многу енергија и да обезбеди услови за фер и демократски избори.

- Сите договорени услови за обезбедување фер и демократски избори вклучително балансиран и целосен пристап на сите учесници кај медиумите, чистење на Избирачкиот список, учество во преодна влада која ќе организира вакви избори политичките партии ќе треба да ги потврдат на средба која ќе се организирана крајот на август, рече Шекеринска. 

Груби: Единствен можен датум за избори годинава е 11 декември

Скопје, 20 јули 2016 (МИА) - Претставниците на четирите најголеми партии се согласија околу текст на договор преку кој ќе се направи проценка дали се исполнети сите услови за одржување кредибилни и сеопфатни избори, изјави  Артан Груби од ДУИ по денешните разговори за излез од политичката криза на претставниците на партиите потписници на Договорот од Пржино.

Сепак, додаде Груби, ќе се направи се до крајот на август од страна на четирите лидери на најголемите парламентарни политички партии и ако се исполнети тие услови ќе биде договорен датум за избори.

Груби, како што изјави и вчера, потенцираше дека единствен можен датум за избори годинава е 11 декември според тоа што е потпишано во договорот.

Договорот, појасни, исто така предвидува и ангажман на Собранието на Република Македонија и на Владата околу евроатлантските интеграции, како и спроведување на Охридскиот договор и анализата предвидена во Извештајот на ЕУ. 

- Во делот на кадровските промени по завршување на мандатот на пржинската влада првпат во историјата на Република Македонија министер за внатрешни работи ќе биде Албанец, тоа ќе биде заменик министерот во Министерството за внатрешни работи во периодот се до изборот на новата влада, изјави Груби.