Општина Карпош: Уставниот суд да се произнесе за оспорените Детални урбанистички планови

Општина Карпош и градоначалникот Стефан Богоев во изминатиот период покажаа дека немаат намера да аминуваат криминал и незаконски дејствија, велат од Општината.

Притоа оттаму уште еднаш го повикаа Уставниот суд да се произнесе во врска со оспорените Детални урбанистички планови.

„Во интерес на граѓаните и справување со урбанистичкиот хаос, Општина Карпош поднесе докази до Уставниот суд на поднесени иницијативи од страна на граѓани, за ДУП Градска четврт З 06, ДУП Градска четврт З 05 и ДУП Градска четврт З 04. Како резултат на изнесени информации во јавноста во врска со иницијативите за Деталните урбанистички планови пред Уставен суд од граѓани, чувствуваме обврска да посочиме дека, иако поранешната раководителка на Секторот урбанизам при Општина Карпош одговорила несоодветно, Општина Карпош, водејќи се, пред се, од законитоста на постапките, а во интерес на граѓаните, веднаш, во првичните дописи од новото раководство до Уставниот суд, Општината ги потврдува аргументите на подносителите на иницијативите и истите ги дополнува со нови докази и аргументи за тоа каде е прекршена процедурата при носењето на ‘спорните’ Детални урбанистички планови“, се наведува во соопштението на Општината.

Оттаму додаваат дека општинското раководство ниту калкулира ниту „купува време“ за спорните ДУП-ови пред Уставниот суд, напротив, инсистираат Судот да се произнесе во рамки на законските рокови без притоа да вршат инситуционални притисоци врз Судот.

„Во контекст на тоа, штом Уставниот суд се обрати до Општина Карпош за дополнително изјаснување во врска со други Деталните урбанистички планови, Општината ќе одговори навремено, доставувајќи целосни и точни информации и докази. Општина Карпош ја истражува постапката на носење и на други Детални урбанистички планови. Сите информации за пропусти во врска со процедурата на нивно донесување, ќе бидат доставени до надлежните институции“, стои во соопштението.