Пред дваесеттина дена, комунални и градежни инспектори на општина Карпош започнаа со контрола на неколку поголеми градилишта на територија на општината со цел да се направи увид колку се почитуваат правилата за градба и заштитата на околината околу објектите.

„Кај објектите кај коишто е извршен вонредниот увид, констатирано е дека кај сите исконтролирани градби оградувањето зафаќа и дел од јавната сообраќајна површина. Со тоа директно се создаваат потешкотии за безбедно движење на пешаците, се отежнува сообраќајот по коловозите и се создава шут во близина на други објекти на што реагираа граѓаните, но и општинските служби“, велат од општината.

Од таму информираат дека за еден инвеститор на улица Лондонска е изречена прекршочна санкција во износ од 4 илјади евра во денарска противвредност за првното лице и 30 отсто од истата сума за одговорното лице, додека друг инвеститор на улица Лондонска веќе постапил согласно дадениот налог и укажувања.

За два инвеститори на улица Варшавска сè уште тече рокот за отстранување на утврдените неправилности.