Општина Аеродром: Ќе ја почитуваме одлуката на Уставниот суд за „Мајчин дом“

Уставниот суд в среда ќе расправа за претставките поднесени против ДУП И10, кој го опфаќа и просторот кај „Мајчин дом“, каде што почна да се гради висококатница. Од Општина Аеродром соопштија дека ги доставиле сите потребни документи до судот и дека понатаму ќе постапуваат во согласност со одлуката на судиите.

„Претходното општинско раководство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, го донeсе ДУП И10 тајно и без дебата и директно ја овозможи изградбата на зградата кај ‘Мајчин дом’. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои пред само една година го изгласаа спорниот ДУП, на денешната 15-та седница на Советот на Општина Аеродром побараа негова ревизија и мораториум“, велат од Општината.

Од таму додаваат дека, како што во неколку наврати најавил градоначалникот Златко Марин, веќе се работи на интерна ревизија на ДУП И10.

„Во рамките на овој процес Општината ги прегледа и достави до Уставниот суд сите потребни документи поврзани со овој случај. Општинската администрација до Советот ќе достави писмен извештај за сработеното“, велат од Општината.

Во однос на мораториумот за градење, Општина Аеродром останува на ставот дека тој воопшто нема да го реши проблемот, туку само дополнително ќе ја компликува целата состојба. На сметка на ова, велат од таму, Опшината може да трпи и финансиски штети, што значително ќе се одрази врз работењето и е спротивно на интересите на граѓаните.

„Мораториумот не му го одзема правото на сопственикот да гради, не го оспорува носењето на ДУП-от и не влијае врз маркичката за градба. На овој начин само се блокираат сите други неспорни градби и тековни работи во Општината“, истакнуваат од таму.