ОЈО оформи предмет за Данела Арсовска за незаконското назначување директор на МКЦ

Откако програмскиот колегиум на МКЦ ја доби и втората тужба против градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, со правосилна одлука на Управниот суд, Основното јавно обвинителство оформи предмет. Ова за НОВАТВ го потврди службата за односи со јавност на ОЈО, одговарајќи на новинарско прашање, дали ОЈО презема дејствија по одлуката на Судот во полза на тужителите.

„Оформен е предмет и јавен обвинител презема дејствија на проверки.“, одговорија од ОЈО.

Инаку, државната комисија за спречување корупција по сопствена иницијатива оформи предмет за Младинскиот културен центар.

Ќе бидат преземени дејствија за утврдување на фактичката состојба, се вели во соопштението од Антикорупциска.

- Постапувањето по предметот е во тек. Постапувајќи согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси и Деловникот за работа, ДКСК ќе ги превземе сите дејствија за утврдување на фактичката состојба и носење на соодветна одлука, соопштија од ДКСК.

Комисијата истражува откако од 1. март директорот на МКЦ, Арбен Шаќири, не ги продолжи договорите на дело на 30 претходно ангажирани лица, со што дел од програмата на установата времено е запрена.

Овој потег Шаќири го правдаше со добиеното известување од ДКСК, во кое се сугерирало дека согласно Изборниот законик, во изборен процес е противзаконски да се склучуваат договори со кои што се злоупотребува буџетот.