Од октомври евтина дневна тарифа на струјата

Во октомври ќе биде воведена дневна евтина тарифа на струјата, најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Во тек се анализи и пресметки како тоа да се спроведе во согласност со европските правила, но и технички поради прештелување на борилата. Уверува дека евтината тарифа ќе важи за сите.

„Од октомври кога на граѓаните им е најпотребна оваа тарифа, до тој период ќе успееме таа мерка да ја имплементираме“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања, пренесува 24 Вести.

Од дистрибутерот ЕВН велат дека приспособувањето на броилата ќе зависи од моделот на имплементација на евтината тарифа. Посочуваат дека станува збор за краткорочна транзициона мерка што ќе биде на сила додека целосно не се отвори пазарот на струја.

„На отворен пазар, цените и тарифите не се регулирани од државата, туку истите се базираат на пазарните услови и се предмет на договор помеѓу снабдувачи и потрошувачи. Понатаму, времето за кое ќе биде имплементирана дневна ефтина тарифа треба да биде во согласност со времето кога има расположлива и поефтина електрична енергија со цел да се избегнат дополнителни трошоци за увоз на електрична енергија. Конечно, трошоците за имплементација на мерката треба соодветно да бидат надоместени. Технички гледано, ЕВН е спремна да ја имплементира мерката, каде што времето за приспособување на броилата ќе зависи од моделот на кој истата ќе биде имплементирана.“ - велат од ЕВН.

Регулаторната комисија  за енергетика во 2012 година ја укина дневната евтина тарифа со образложение дека со овој потег ќе се намалат трошоците за увоз. Враќањето на дневната ефтина тарифа е едно од ветувањата на новата влада што го испорача пред гласачите во предизборниот период.