Од најмали до најстари- се зголемуваат посетителите на Зоолошката градина во Скопје

Посетеноста на Зоолошката градина во Скопје е значително зголемена откако се изградија многу нови живеалишта за престој на животните и откако почна многу да се инвестира во неа, во поглед на разубавување и средување.

-Доаѓаат на секоја возраст. Од најмали до најстари. Родителите често доаѓаат со своите деца и по цел ден се рекреираат тука. Децата им се радуваат на животните, а родителите забораваат на обврските. Интересно е тоа што имаме и повозрасни посетители, пензионери. Очекуваме дека ќе има уште повеќе посетеност, откако таа ќе биде средена во целост. Луѓето постојано сакаат нешто ново да видат- велат вработените од Зоолошката градина во Скопје.

Најголема посетеност во Зоолошката градина има во месеците мај и јуни и во втората половина на септември и во октомври.

Зоолошката градина во моментов се подготвува за живеалиште за слон. Изградбата на новото живеалиште, кое се наоѓа во близина на тигрите, на местото на старото живеалиште на јаковите, биковите и ноевите, се очекува да биде готово до крајот на оваа година.

Последната слоница во Зоолошката градина се викала Анка, нејзиниот живот згаснал во 1992 година и оттогаш Скопје нема слон во својата градина.

Со изградбата на новото, современо живеалиште, се планира да се донесат слон и слоница, кои ќе создадат потомство.