Од 26 декември до 8 јануари: Македонската филхармонија на двонеделна турнеја во Кина

Оркестарот на Македонската филхармонија од денеска (26 декември) до 8 јануари, ќе ја реализира двонеделната турнеја во Кина со грандиозниот музички проект – “7 концерти во 7 градови во Кина“.

Во рамките на турнејата ќе се одржат седум концерти во седум импозантни концертни сали и тоа во: Хохот – во театарот Хохот, Таијуан – во Шанжи театарот, Тангшан – во истоимениот театар, Женгжу – во фасцинантното истоимено здание, како и во театрите во градовите Хенгшуи, Хефеи и Донгуан.

Турнејата ќе ја предводи маестро Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години наназад е чест гостин-диригент со Македонската филхармонија. Како солисти ќе настапат кинескиот пијанист Хају Жанг, кој ќе го изведува Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Петар Илич-Чајковски, како и виртуозите на кларинети, браќата Даниел и Александар Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел, кои беа солисти и на Гала-новогодишниот концерт на Македонската филхармонија “Точно на полноќ“. На програмата на концертите во Кина се и дела од Гершвин, Бизе, Глинка, Штраус…

“Оваа турнеја е од голема важност за институцијата, бидејќи е прва турнеја во Азија и тоа со целиот симфониски состав“, вели Виктор Илиески, директор на Македонската филхармонија.

“Од контактите кои ги имаме во Кина, промоторите и менаџерите од оваа турнеја, се очекува да се отворат и дополнителни можности за настапи на Филхармонијата во други азиски држави. Драго ми е што еден од менаџерите беше присутен на отворањето на концертната сезона на Македонската филхармонија и тој беше презадоволен од нивото на филхармоничарите, а тоа е најбитната работа за организирање на вакви комплексни турнеи. Сакам да искажам голема благодарност и до кинеската амбасада во РМ која ни излезе во пресрет за визите, но и за нивното интересирање за целиот процес. Мило ми е што младите генерации кои се дел од оркестарот ќе имаат можност да го искусат концертирањето на друг континент, што е чест случај за големите светски оркестри. Оваа турнеја ќе биде огромна мотивација за сите музичари и се надевам дека, како и во Шпанија, ќе ја претставиме државата и институцијата, од секој аспект, на најдобар можен начин“, додава Илиески.

Кина во изминатите години бележи огромен подем во развојот на културата. Изградени се голем број на нови концертни сали, а дел од нив важат за најдобрите културни архитектонски зданија во светот.