До раните утрински часови траеше синоќешната голема акција на полицијата по скопските локали и казина. Порталот „Досие“ беше меѓу младите на кои ноќната саботна забава им беше прекината околу 1 часот по полноќ. Еве ги нивните сведоштва од неколку кафулиња во главниот град и она што се случуваше по улиците на градот.

-Беше еден и пол по полноќ и кога голема група полицајци упаднаа на кафичот. Ја исклучија музиката и ги запалија светлата. Ние се зачудивме што се случи, но полицајците, некои малку поагресивно, но повеќето коректни, веднаш кажаа дека прават рација. Го блокираа излезот и почнаа да легитимираат. Во нашиот кафич најдоа еден малолетник на кој му бил послужен алкохол – раскажуваат соговорниците на порталот.

-Проверката траеше половина час и никој не смееше да го наушти локалот. Најмногу се проверуваше обезбедувањето и дали има малолетници. Она што сите не изненади беше присуството на маскирани униформирани полицајци со автоматско оружје кои го обезбедуваа локалот од надвор и беа распоредени до блиско казино. Немаше како, мораше да се движиме пеш или со такси – вели соговорник.

Синоќа беше видливо огромно присуство на полицијата низ градот. Комбиња беа паркирани и пред ноќните клубови во Аеродром, низ центарот на градот и околните населби. Околу два часот по полноќ полицајците најдоа и собраа неколку девојчиња кај Католичката црква. Тие беа седнати на скали и ги чуваше жена полицајка. Од она што го дознав порталот, девојчињата биле пијани и малолетни.

Пред Градската болница во Скопје имаше исто така засилено присуство на полицијата и повеќе амбулантни возила.

Во текот на денот се очекува полицијата да излезе со детална информација за синоќешната акција и да појасни дали била изведена на територијата на цело Скопје и во сите населби. Според првичните информации, се барале малолетници, дрога, се проверувало целото физичко обезбедување на објектите и се постапувало по Законт за забрана на пушење цигари во локали.