Некогашната атракција: Луна паркот во Скопје останува само детски сон (фото)

Иако беше најавуван, запре изградбата на скопската атракција - Луна паркот. Наместо да го гради Градот со свои средства сега повторно ќе се бара концесионер кој ќе стопанисува со него. Сегашната идеја за градоначалникот била само импровизација. 

Останува нејасно што ќе се случува со двата склучени договора за реализација на новиот забавен парк, кој требаше да се протега на површина од 40.000 метри квадратни.

Претходниот градоначалник Коце Трајановски во неколку наврати распишуваше повици за пронаоѓање на приватен концесионер. По неколкуте пропаднати меѓународни тендери, беше одлучено Градот да го гради од сопствени средства.

Досега во Луна паркот изведени се само дел од содржините. Изграден е еден објект и просторот целосно е расчистен, а набавени се и дел од реквизитите..

Според досегашниот проект во паркот требаше да се постават вкупно 27 реквизити, како и разни видови лулашки, вртелешки и сличен вид на забави, но скопскиот градоначалник решил да ја стопира изградбата.

Досега целосно се заврши изградбата на подземната инфраструктура, но и на еден од предвидените објекти во забавниот парк. Првиот тендер беше распишан во 2011, а последниот обид заврши без успех на почетокот од 2014 година.

Реквизитите од скопскиот Луна парк беа продадени на јавна лицитација на фирма која ќе ги искористи како старо железо.

„Бидејќи се стари речиси 50 години и не можат да се користат решивме да ги продадеме на јавна лицитација. Сите реквизити го продадовме за 20.000 евра на фирма која ќе ги користи како старо железо“, изјави Ардијан Муча.

Луна паркот во Скопје беше изграден во 1973 година и оттогаш ниту не беше реновиран, ниту реквизитите беа заменети со нови.

Сега засега остануваат спомените на старите фотографии да не потсетат како некогаш изгледаше единственото место во градот каде најмладите се забавуваа.