Некогаш депонија, сега место за дружба - Ѓорѓиевски го посети плоштадот „Незавиност“

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски го посети неодамна изградениот плоштад во Пинтија кој го носи името „Независност", каде синоќа дечињата од оваа населба имаа забава на отворено.

Придружувани од своите родители, баби и дедовци, сите си најдоа забава за себе. Дел играа на музика, дел во ново игралиште. Повозрасните ја искористија убавата вечер за маалски разговор на новите клупи.

Инаку, плоштадот се изгради на некогашната дива депонија во Пинтија.

- Ова е остварување на една наша заедничка идеја, на една визија со која успеавме да создадеме нов простор за одмор и дружење, место на кое ќе создаваме нови, убави спомени. На оваа локација до пред неколку месеци постоеше дива депонија која освен што го нагрдуваше ликот на Пинтија, претставуваше и црна еколошка точка. Денес, истото место кое го носи името „Независност“, е претворено во еден прекрасен сквер, опкружен со зеленило и дрвца, со пешачки патеки и со урбана опрема, со ново детско игралиште, што значи дека буквално секоја генерација ќе може да си најде содржина за себе. Сега, сите наши жители имаат место каде можат да се сретнат, да одморат, да се рекреираат или едноставно да уживаат на отворено, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.