Народен правобранител: Секое дете да се чувствува добредојдено, безбедно и прифатено во училиштето

Народниот правобранител Изет Меџити упати искрени честитки до сите првачиња, кои денеска за прв пат седнаа во училишните клупи. Тој им посака многу успех, со желба овој ден да биде радосен, исполнет со гордост и задоволство во заедничката работа и учење!

„Апелирам до вработените во училиштата да ги прифатат сите деца, да им помогнат првиот училишен ден да го поминат во пријатно опкружување, и секое дете да се чувствува добредојдено, безбедно и прифатено во училиштето, уверено дека во новата средина нема да биде оставено само на себе туку дека ќе ја има потребната поддршка од наставнииот и друг кадар во училиштето“ порача Народниот правобранител.

Тој ги повикува родителите/старателите, бабите и дедовците и другите блиски на детето, да посветат што е можно повеќе внимание и разбирање на нивните деца-ученици, да поминуваат повеќе време со нив во уверување дека се тука секогаш за нив.

„Образованието не е само учење, тоа е можност за соработка, другарување, разбирање и почитување на другите, толеранција, но и ненасилно разрешување на конфликти. Голема е неговата улога во воспитанието и развојот на детето и во негово подготвување за справување со сите предизвици кои ги носи животот“ се вели во соопштението.

Народниот правобранител ќе го следи почитувањето на правото на детето, особено на неговото право на непречено образование, третманот и односот кон учениците во пракса, и ќе реагира секогаш кога има потреба за тоа, се со цел обезбедување услови за квалитетно и ефикасно образование за секое дете, но и за правилен социјален и емоционален развој во стимулативна и безбедна средина.

Со оглед на тоа дека од денес меѓу учесниците во сообраќајот ќе се движат стотици илјади деца и млади луѓе, а за некои од нив тоа ќе биде првпат без помош на возрасните, Народниот правобранител упати апел и до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и одговорно да се однесуваат, потсетувајќи ги на преден план да ја имаат безбедноста на детето.